„Литературата во време на конфликт“ е насловот на дебатата што ќе биде организирана вечерва во 18 часот во Чифте амам во Скопје. Дебатата ќе ја води Владимир Јанковски, а учествуваат: Никола Маџиров, Елифе Красниќ (Косово), Аријан Лека (Албанија) и Сергеј Лебедев (Русија, во егзил). Освен што ќе разговараат, авторите ќе споделат и извадоци од свои дела.

Кое е местото на литературата во светот раскинуван од војни, општествени судири и политички превирања? Колку литературата може да биде слободна во светот кој интензивно станува не-слободен? И што уметноста и литературата всушност прават со својата слобода?
Дебатата е дел од настанот „Дебата за Европа“, што започна синоќа, а го организира Фестивалот за критичка култура „Крик“ од Скопје.
На дебатата за литература, во 16 часот ќе и претходи дискусијата „Моќ и права. Улогата на малцинствата и мнозинствата во Југоисточна Европапанел“. Дебатата ќе ја води Кристоф Бендер од Австрија, а ќе учествуваат: Роберт Алаѓозовски, Линда Гусиа (Косово), Горана Пебиќ (Србија) и Манол Пејков (Бугарија).
Односот меѓу малцинствата и мнозинствата е клучот за многу конфликти во Југоисточна Европа, а инструментализацијата и „вооружувањето“ на малцинските групи како од домашните, така од странските политичари останува закана за стабилноста. Истовремено, моќта на мнозинството доаѓа со голема одговорност и правата на малцинствата мора да бидат заштитени. Како може да се размислува за поконструктивен однос меѓу мнозинствата и малцинствата? Кои се столбовите на инклузивното општество? Овие прашања ги надминуваат границите на етничките, јазичните и религиските групи, а се однесуваат и на правата на жените и на ЛГБТК лицата.





