Трибината „Против недемократски Деловник“ вчера се одржа на Институтот за социолошки и политичко правни истражувања во Скопје
Соочени со содржината на Деловникот на Собранието со кој се предлага продолжување на праксата на ограничување на дискусијата, свесни за последиците од ваквата пракса, сметаме дека како академска заедница имаме обврска да ја отвориме темата и да ја запознаеме пошироката јавност со воочените недостатоци и ефектите кои ќе ги има овој акт, посочија научници од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања од Скопје на вчерашната трибина „Против недемократски Деловник“. Модератор на трибината беше проф. д-р Петар Атанасов.
Според проф. д-р Мирјана Најчевска, согледувањата на Европската Унија и препораките дадени во рамките на Дијалогот Жан Моне, скрининг процесот и последниот извештај на ЕУ Комисијата се во спротивност со она што е содржано во актуелниот Деловник и во понудените промени на Деловникот.
– Тие ефикасноста на работењето на Собранието ја гледаат во скратување на времето и можностите за дискусии, ограничувањето на учеството на јавноста во процесите на одлучување и минимизирање на холистичкиот пристап во донесувањето на законите со нивно разгледување единствено во матичното тело и во законодавно-правната комисија. Според ЕУ видувањето, измените во Деловникот треба пред се да овозможат зајакнување на улогата на Собранието преку создавање простор за конструктивна и инклузивна политичка дебата – вели Најчевска.
Според доц. д-р Јован Близнаковски, нашиот политички систем предвидува широки можности за Собранието, како највисок претставнички и законодавен орган, за надзор на работата на останатите гранки на власта, вклучително и извршната.
– Сепак, и покрај повеќе од три децении на формално либерално-демократско уредување, одново сме изложени на истата поразителна ситуација: Собранието не само што не функционира како контролор на извршната власт, туку и самото претставува предмет на влијание на Владата и водствата на политичките партии. Правилата пропишани во Деловникот директно влијаат на можностите за надзор и контрола врз останатите гранки на власта, но и кон можностите за суштинско учество на Собранието во подготовката на законите. Потребен е Деловник кој наместо во преден план да ја става потребата од Собраниска ефикасност за целите на извршната власт, ќе овозможи максимални можности за Собранието да ги практикува своите права и обврски – смета Близнаковски.
Проф. д-р Бојана Наумовска е децидна дека во ниту еден политички процес не треба да се заборави дека суверенитетот им припаѓа на граѓаните и тоа е темелна вредност на нашиот Устав. Граѓаните власта ја остваруваат преку избраните претставници, односно преку Собранието кој е нивен претставнички орган.
– Токму затоа е поразително што самото Собрание одлучува да се ограничи и наместо застапување на интересот на граѓаните, се става во функција на брзо проследување на Владините политики изразени во законски решенија. Со носењето на овој Деловник се потврдува определбата за ограничена дискусија и се става печат на оваа пракса. Севкупно гледано, „ограничувањето“ на суверенитетот, може да се препознае во она што се воведе со Деловникот во 2008 а се потврдува со новиот како што се: ограничената дискусија, преместување на главната расправа на комисиско ниво, јавна расправа по исклучок а не по правило и отежнување на можноста за следење на расправата од страна на граѓаните.
Од друга страна отворената дискусија, задолжително наложува почитување на опозицијата и соработка на двете страни, што секако ќе влијае и на квалитетот на пратеничкиот состав – рече Наумовска.
Според вонр. Проф. д-р Јелена Ристиќ, принципот на законитост, кој произлегува од принципот на владеење на правото, подразбира транспарентен, одговорен, демократски и плуралистички процес на донесување закони, како гаранција за квалитет на законот. Квалитетот и обемот на расправата и дебатата во рамки на парламентот е во директна корелација со содржината, односно со квалитетот на законот, како што истакнал и Европскиот суд за човекови права во рамки на својата судска практика.
– Во оваа смисла, постои потреба од воведување одредби во Деловникот на Собранието кои се однесуваат на јавна и стручна расправа за законите, предвидена како редовен елемент. Притоа, треба да се идентификува за кои закони е потребно задолжително да има јавна расправа. Во оваа насока, треба да се лоцираат законите кои засегаат поширок јавен интерес, односно кои имаат повисок степен на сложеност, и за кои е потребна задолжителна јавна расправа на почетокот на законодавниот процес. На овој начин ќе се придонесе кон подобрување на степенот на квалитетот на законите и демократскиот процес на донесување закони, како и кон превенција од евентуално донесување на закони кои засегаат важни општествени прашања и јавни интереси „преку ноќ“, без претходна јавна и стручна дебата во однос на законот – вечи Ристиќ.





