Вредни предмети поврзани со митологијата на Тракијците, со начините на погребување и погребните обичаи, воената опрема, прекрасни ексклузивни садови и накит од сребро вчера беа изложени на изложбата „Сребрена Тракија“ која вчера беше отворена во Археолошкиот музеј во Скопје. Повеќе од 1.700 предмети од 18 музеи од Бугарија се дел од големата изложба која ќе биде отвирена до 7 април, а е отворена под покровителство на двете земји. Повеќе од стотина политичари, дипломати, музејски работници и љубители на културното наследство присуствиваа на отворањето.
– Македонската публика има чест да го проследи претставувањето на тракиската култура зашто изложбата во Скопје ги надминува сите претходни поставки на „Сребрена Тракија“ и по обем и по комплексност – рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на отворањето.

Таа упати благодарност до вработените во Археолошкиот музеј од Скопје, Заводот и музеј од Охрид и Националниот археолошки институт од Софија, кои својата соработка ја крунисаа со две ексклузивни изложби: Првата „105 години Тербеништа“ отворена минатиот месец во Софија и „Сребрена Тракија“.
Свои обраќања на отвпрањето имаа претседателите на македонското и на бугарското Собрание, Талат Џафери и Росен Димитров Жељазков, министерот за култура на Бугарија, Крастју Крастев, како и директорите на двете музејски институции кои се организатори на изложбата, Славица Бабамова и Христо Попов. Изложбата од денеска е отворена за јавноста.





