Во КСП „Центар – Јадро“ од Скопје од синоќа е отворена изложбата „Преобразени предмети: Еволуирачки перспективи“ на Јасмина Главинче, во која учествуваат и повеќе македонски уметници. Ликовната изложба е со хуманитарен карактер и е продажна.

Изложбата „Преобразени предмети: Еволуирачки перспективи“ е уметничка (ре)визија, која има цел да ја истакне важноста за лична трансформација. Водена од прашањата: дали и како личната трансформација може да влијае врз будење на колективната свест; дали уметноста и уметничките процеси на креација може да ги употреби како алатка за колективно поврзување и дејствување, заемна соработка, која би претставувала основа за подобрување на условите и во поширока микроопштествена рамка, авторката Јасмина Главинче потпомогната од акредитиран тренер за раст и личен развој во петмесечна, самонабљудувачка одисеја, повика седум учесници во обновувачки процес и преку споделување свои лични предмети и костантна интеракција ја истражуваа сопствената внатрешна емоционална динамика, ги будеа своите потенцијали и ги заменуваа старите наративи со нови, освежувачки погледи за себе, за заедницата и за светот.

Спомен-предметите од психолошки тотеми, апстрахирани од нивното првобитно значење, добиваат нов живот како уметнички дела и метаморфозираат во симболи на процесите и поимите за сопствената трансформација. Нивниот облик останува видлив, тој не исчезнува, туку расте и се отелотворува во нов метафизички простор.
Учествуваат: Крсто Глигорјадис, Маја Џеповска, Ели Поповска, Елисавета Бејкова, Христина Тарабуновa, Татјана Ристовска, Борјан Исајловски и Милена Крстева, тренер за личен раст и развој.





