Министерството за култура побара итна инспекција во црквата од 14 век во Старо Нагоричане

Умно.мк минатата недела пишуваше за реакциите на историчари на уметноста дека каменот со зеленката нијанса што се употребува во конзервација на надворешен дел од црквата не е добро решение за еден од најважните средновековни споменици во Македонија

Итен инспекциски надзор во црквата „Св. Ѓорѓи“ од 14 век во кумановското село Старо Нагоричане побара Министерството за култура од Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) поради каменот што се употребува во конзервацијата на споменикот на културата. Умно.мк минатата недела пишуваше за реакциите на историчари на уметноста дека каменот со зеленката нијанса што се употребува во конзервација на надворешен дел од црквата не е добро решение за еден од најважните средновековни споменици во Македонија. Од Националниот конзерваторски центар, институција која го подготвила проектот, велат дека ги имаат сите дозволи за работа од Управата за заштита на културното наследство, а избраната боја на каменот е за да се направи разлика помеѓу автентичниот материјал и интервенциите денес. На тоа се огласи и универзитетска професорка, една од трите членки на комисијата што го одобриле проектот која го одобрила проектот, апелирајќи да се запрат активностите околу „позеленувањето“ на архитектонскиот пејзаж на црквата.

„Св. Ѓорѓи“ од 14 век

Од Министерството за култура за Умно.мк велат дека во согласност со Законот за заштита на културното наследство, следењето на изведбата на непосредната заштита која треба да е според конзерваторскиот проект, е во надлежност на конзерваторскиот надзор и специјализираните инспекторски служби од УЗКН.
– Во согласност со своите надлежности, Министерството ја извести Управата за заштита на културното наследство да изврши итен инспекциски надзор на изведбата на работите на археолошките остатоци од јужната страна на црквата „Св. Ѓорѓи” во Старо Нагоричане. По извршениот увид, Управата ќе поднесе извештај со насоки за натамошни мерки за постапување – објаснуваат од Министерството.

Од Управата за заштита сè уште не сме добиле одговор што преземаат во однос на случајот. Прва на активностите реагираше Јасмина Зисовска, историчарка на уметност во пензија и поранешен инспектор во УЗКН, дека „црквата е градена од камен со смирена окер боја, а се местат зеленкасти камени плочи што воопшто не се среќаваат во кумановскиот крај.“ По неа реагираа археолози дека овој начин на концервација е несоодветен зашто ги покриваат остатоците од репрезентативен објект од римскиот период. Според археологот Дејан Ѓорѓиевски од кумановскиот музеј, покривање со транспарентен/проѕирен под е едноставна и евтина интервенција, многу поубава од сегашното решение.
Директорот на Националниот конзерваторски центар, Мемет Селмани е дециден дека активностите се според проект за кој има дозвола и одобрение од УЗКН, а Цветанка Хаџи-Пецова, архитект, советник-конзерватор во истата институција вели дека употребата на камен со различна боја за да се направи разлика од постарите слоеви во градбата е метод што вообичаено се употребува во конзервацијата.

Професорката д-р Елизабета Димитрова, една од трите членки на комисијата одговори: „Сосема некоректно е да не се почитува визуелната естетика на овој извонреден примерок на средновековното градителство со употреба на несоодветни материјали кои го нарушуваат не само неговиот автентичен концепт, туку и деликатната естетска вредност на фасадното решение.“
Црквата „Св. Ѓорѓи“ ја изградил кралот Стефан Урош Втори Милутин (1282-1321) во 1313 година. Според живописот на старата врата, таа е живописана е во 1317 година од познатите солунски зографи Михајло и Евтихиј. По начинот на градење се препознава дека е првично е изградена во 11 век, од Роман Четврти Диоген (1067-1071). Црквата е трикорабна со пет осумстрани куполи. Апсидата на источната страна е од 11 век и е полукружна, а петостраната е доградена во 14 век. Ова е еден од најважните споменици на културата, не само поради архитектурата, туку и поради живописот од 14 век.

Сподели