Во чест на 13 Ноември, како и во рамките на одбележувањето на својот 78. роденден Градската библиотеката „Браќа Миладиновци“ ја организира промоцијата на книгата „Книжевна мапа на Скопје“ од Моника Илкова. Промоцијата е закажана за утре напладне во спомен-собата „Т’га за југ“. За делото ќе говори Весна Мојсова Чепишевска, а фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
Исцртувајќи, односно испишувајќи книжевна мапа на Скопје и движејќи се по неа, во оваа книга, Илкова успева да го истражи феноменот на урбофилијата, чувствувањето на градот во македонската книжевност. Во книгата се истражува поетиката на градот како еден од клучните аспекти во творештвото на одредени автори и покажува како перцепцијата и односот кон градот се менуваат во книжевните остварувања на автори од различни книжевни генерации чии книжевни ликови талкаат по улиците на Скопје.
Славко Јаневски, Димитар Солев, Влада Урошевиќ, Гане Тодоровски, Данило Коцевски, Томислав Османли, Александар Прокопиев, Јадранка Владова, Јовица Ивановски, Оливера Ќорвезироска, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Владимир Јанковски, Жарко Кујунџиски, Петар Андоновски, Иван Шопов, Ана Голејшка-Џикова… Ова се само дел од авторите што пишувајќи урбана проза и урбана поезија, стануваат картографи на книжевната мапа на Скопје на Моника Илкова.
„Книжевна мапа на Скопје“ е во издание на Центарот за култура и културолошки студии, а уредник на книгата е Иван Антоновски. Промоцијата е дел од програмата на Град Скопје – европска престолнина на културата за 2028 година.





