Наградуваната хрватска претстава „Браќа Карамазови“ на Оливер Фрлиќ на МОТ

Претставата „Браќа Карамазови“ по Достоевски, а во режија на Оливер Фрлиќ, ќе гостува вечерва со почеток во 19 часот на сцената на Националната опера и балет, во рамките на Млад отворен театар. Претставата е во продукција на Загребачко казалиште младих.

Спектакуларната претстава која има два дела од по 140 и 80 минути, во последната година ги доби едни од највредните награди во регионот.

Награда за најдобра режија на 63. Театарски фестивал МЕСС Сараево, награда за извонредно актерско остварување на млади актери до 28 години за Уго Корани, за улогата на Дмитри Фјодоровиќ Карамазов и наградата „Владимир Назор“ за истиот актер.
Покрај Корани, играат и: Дадо Ќосиќ, Адриан Пездирц, Јерко Марчиќ, Линда Бегоња, Катарина Бистровиќ Дарваш, Данијел Лјубоја, Матео Видек, Милица Манојловиќ, Миливој Беадер, Иван Пашалиќ, Хрвојка Беговиќ, Петра Свртан, Рок Јуричиќ.

Првиот дел е наречен: „Сите среќни семејства се среќни на ист начин“, а вториот: „Сите несреќни семејства се несреќни на свој начин“.

Оливер Фрлиќ, наградуваниот режисер со бројни ангажмани во странство, по 9 години се враќа во ЗКМ со современа обработка на рускиот класик, Браќа Карамазови, која е во форма на двојна претстава. Ако публиката гледа само еден дел од претставата, ќе добие заокружена, но делумна приказна. Може да ги гледаат и двата дела и да добијат целосна слика од оваа комплексна линија на дејството поради која овој роман се смета за најцеловитото дело на Достоевски. Двојноста најдобро е прикажана преку огледалноста на одредени ликови и нивните меѓусебни односи, но и преку сценографските и костимографските решенија, а и кастингот, со кој некои актери играат повеќе ликови, кои меѓусебно се надополнуваат. Иако досегашните сценски адаптации се држеа подалеку од односот на Аљоша и момчињата од пониските социјални слоеви, во обработката на Фрљиќ тој добива еднакво внимание како и главната линија за браќата Карамазови и нивниот татко.
Семејството како опиум за народот. Среќните и несреќните семејства на Толстој низ призмата на суровиот реализам на Достоевски. Како порачано за Оливер Фрљиќ.

Сподели