Се огласи комисијата: Да запре „позеленувањето“ на црквата „Св. Ѓорѓи“ од 14 век во Старо Нагоричане

Сосема некоректно е да не се почитува визуелната естетика на овој извонреден примерок на средновековното градителство со употреба на несоодветни материјали кои го нарушуваат не само неговиот автентичен концепт, туку и деликатната естетска вредност на фасадното решение, категорична е проф. д-р Елизабета Димитрова

Да се запрат активностите околу „позеленувањето“ на архитектонскиот пејзаж на црквата „Св. Ѓорѓи“ од 14 век во Старо Нагоричане, апелира проф. д-р Елизабета Димитрова, една од трите членки на Комисијата што го потпишала конзерваторското одобрение што го издала Управата за заштита на културното наслаедство, за проектот поднесен од Националниот конзерваторски центар во Скопје. УЗКН ја формирала Комисијата во јули 2015 година, кога бил напишан Извештај за извршена стручна контрола за Проект за конзервација на археолошките содржини во дворот на црквата „Св. Ѓорѓи“ – Старо Нагоричане. Комисијата е составена од професорките д-р Елица Манева и д-р Елизабета Димитрова од Филозофски факултет и д-р Елизабета Касапова од Архитектонски факултет.

Црквата „Св. Ѓорѓи“ од 14 век во Старо Нагоричане

Јавноста деновиве ја разбранува реакцијата на повеќе историчари на уметност и археолози кои остро реагираат на каменот со зелена нијанса што се употребува во конзерваторските зафати на еден од најважните споменици на културата од 14 век во Македонија, а за кои пишуваше Умно.мк. Според нив, зеленкасти камени плочи воопшто не се среќаваат во кумановскиот крај. Конзерваторите пак велат дека ова е вообичаена пракса за да се направи дистинкција на конзервираниот дел од автентичниот градежен материјал, а за сите активности имаат одобрение од Управата.

Во продолжение ви го пренесуваме интергално ставот на Димитрова, редовен професор на Институтот за историја на уметност со археологија на Филозофскиот факултет, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје:

– Во врска со отпочнувањето на поплочувањето на подрачјето на јужниот трем од црквата „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане и сосема оправданите реакции на историчарите на уметноста и археолозите, би сакала да ве информирам дека како членови на Комисијата за евалуација на проектните решенија, формирана од Управата за заштита на културното наследство во јули 2015 година, сме напишале Извештај за извршена стручна контрола за Проект за конзервација на археолошките содржини во дворот на црквата „Св. Ѓорѓи“ – Старо Нагоричане во состав: д-р Елица Манева (Филозофски факултет), проф. д-р Елизабета Димитрова (Филозофски факултет) и проф. д-р Елизабета Касапова (Архитектонски факултет). Притоа, со целата одговорност која ја имаат членовите на Комисијата, сме прифатиле, цитирам: „конзервацијата и презентацијата на археолошките ѕидни структури на јужната страна од црквата да се изврши со употреба на традиционални градежни материјали – камени плочи (шкрилци), песок, чакал, вар и сл., почитувајќи го традиционалниот начин на градба на објектот, што подразбира и традиционални градежни материјали“. Со оглед на фактот што авторите на предлог проектот се археолози со завидно професионално искуство и долгогодишна научна кариера и теренска практика, членовите на Комисијата основано очекувале елементите од проектниот предлог соодветно да се применат во изведбата на проектните активности. За жал, како што покажуваат изведбените постапки, традиционалниот приод кон изборот и употребата на изведбениот материјал се далеку од традиционални и отстапуваат од секоја дефиниција на конзерваторски интервенции применливи во заштитата на археолошкиот стратум на сакралните објекти. Поаѓајќи од принципите за доследност во зачувувањето на автентичниот изглед на сакралната градба за која станува збор, а притоа имајќи на ум дека шкрилецот, како градежен материјал, постои во неколку хроматски нијанси, членовите на Комисијата оправдано очекувале употреба на шкрилец со хроматика адекватна на ѕидарскиот опус на самата црква. Во оваа прилика потсетувам дека црквата во Старо Нагоричане е репрезентативен монумент од последната четврт на 11 столетие, со претпоставено ктиторство на еден од византиските императори, архитектонски ремоделиран од српскиот крал Стефан Урош Милутин во кластер градителска конфигурација, како авангардно решение од почетните децении на 14 век. Оттука, сосема некоректно е да не се почитува визуелната естетика на овој извонреден примерок на средновековното градителство со употреба на несоодветни материјали кои го нарушуваат не само неговиот автентичен концепт, туку и деликатната естетска вредност на фасадното решение. Оттука, апелирам да се запрат активностите околу „позеленувањето“ на архитектонскиот пејзаж и да се почитуваат соодветните принципи за конзервација и заштита на сакралните објекти од средновековието, особено на оние кои потекнуваат од климаксот на палеологовскиот класицизам, како што е црквата во Старо Нагоричане – вели Димитрова.

Умно.мк деновиве ја објави реакцијата на Јасмина Зисовска, историчарка на уметност во пензија и поранешен инспектор во Управата за заштита на културното наследство (УЗКН), децидна дека „црквата е градена од камен со смирена окер боја, а се местат зеленкасти камени плочи што воопшто не се среќаваат во кумановскиот крај.“ По неа реагираа археолози и други експерти од областа на заштитата на културното наследство. Според археологот Дејан Ѓорѓиевски, виш кустос во кумановскиот музеј, во поплочувањето на јужниот трем на црквата нема само естетско прашање, туку и научно, зашто во резултатите од археолошките ископувања јасно е констатирано постоење на голем, репрезентативен објект од римскиот период, под денешната црква.Ѓорѓиевски вели дека овој објект може да биде презентиран на разни начини, вклучително и со едноставно покривање со транспарентен/проѕирен под – едноставна и евтина интервенција, многу поубава од сегашното решение.

Директорот на Националниот конзерваторски центар, Мемет Селмани вели дека активностите се според проект за кој има дозвола и одобрение од УЗКН, а Цветанка Хаџи-Пецова, архитект, советник-конзерватор во истата институција вели: „Бојата на каменот што се употребува е различна за да се направи разлика од постарите слоеви во градбата. Тоа е метод што вообичаено се употребува во конзервацијата“. Таа потенцираше дека не е во ред да се коментира среде проект, зашто било предвидено белите фуги дополнително да се нијансираат.

Црквата „Св. Ѓорѓи“ ја изградил кралот Стефан Урош Втори Милутин (1282-1321) во 1313 година. Според живописот на старата врата, таа е живописана е во 1317 година од познатите солунски зографи Михајло и Евтихиј. По начинот на градење се препознава дека е првично е изградена во 11 век, од Роман Четврти Диоген (1067-1071). Црквата е трикорабна со пет осумстрани куполи. Апсидата на источната страна е од 11 век и е полукружна, а петостраната е доградена во 14 век. Ова е еден од најважните споменици на културата, не само поради архитектурата, туку и поради живописот од 14 век.

Сподели