Со „Декамерон“ од Џовани Бокачо, во режија на Mартин Кочовски на Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп вечерва во 20 часот во Младинскиот културен центар ќе биде отворено 48. издание на Млад отворен театар.
„Декамерон“ е претстава полна живот. За жал, секојдневието не е.
– Специфичната природа на односи, која ни е зададена во овој период, само ги извлече на површина проблемите на општеството што сме ги имале. Изолираноста на индивидуата, отуѓувањето по секоја основа и класната поделба сега станаа видливи, но постоеле со децении. Истовремено, универзалната тага, солидарноста, сочувството, нè поврзаа сите уште еднаш. Претставата „Декамерон“ стои на хуманистичката платформа на Џовани Бокачо и зборува за човековата волја за живот, радоста од „сега и тука“, за нашата кревкост, но и за силата на човечкиот дух низ ефемерноста на среќата и поуките на трагичноста – велат организаторите.
Играат: Александар Степанулески, Наташа Ацански, Здравко Стојмиров, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Марија Спиркоска – Илијеска, Ангела Наумоска, Игор Трпчески, Михајло Миленкоски. Драматургија е на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сцеенографијата на Филип Јовановски, костимографија на Јулијана Војкова-Најман. Музиката е на оркестарот на театарот „Војдан Чернодрински“, под водство на Пеце Трајковски-Брада, а настапува и вокалот и музички соработник Ана Митоска.
МОТ ќе трае до 18 ноември, а ќе има вкупно 29 театарски настани, претстави, работилници, промоции и мастерклас предавања. Годинешната програма на фестивалот е поддржана од Министерството за култура со 3,9 милиони денари, Градот Скопје со 650.000 денари, а преку партнерства, фондови, амбасади и министерства на други држави, за достојно одбележување на фестивалот обезбедени се дополнителни 2,3 милиони денари.





