Филмот „Долгото збогување“ во режија на Рјота Накано, ќе биде прикажан вечерва во 20 часот во Кинотеката во Скопје, во рамките на Неделата на јапонскиот филм. Оваа традиционална 16-та манифестација бешe отворена синоќа во Кинотеката.
Еден седумдесетгодишен пензиониран директор на училиште гo известува своето семејство (сопругата и двете ќерки) дека има Алцхајмерова болест. Трите жени се загрижени и секоја различно реагира на новонастанатата ситуација, додека неговата болест напредува.
Улогите ги толкуваат: Ју Аои, Хана Грејс, Јуито Камата.

„Долгото збогување“ е адаптација на истоимениот роман на Кјоко Накаџима и ја прикажува секоја фаза од болеста на неговиот херој, од почеток до крај. Во филмот е претставена драмата на индивидуалните предизвици на членовите на семејството, како и нивните жртви додека тие се справуваат со болеста на нивниот сопруг и татко. Тие се сведоци на неговото пропаѓање. Поради болеста тој почнува да ја губи меморијата. Но, сфаќаат дека има некои работи од неговиот живот што никогаш нема да ги заборави.

„Долгото збогување“ е последниот филм на Рјота Накано, еден од најеминентните преставници на новата генерација на јапонски филмаџии. Во неговите филмови најчесто се интересира за смртта, со посебен фокус на семејството и предизвиците што таа ги носи за нив.
Овој филм се издвојува со тоа што семејството не го претставува како токсична средина (што е вообичаениот тренд во современата јапонска кинематографија), туку го прикажува во позитивно светло.
Возрасна категорија: 16 години





