Од 8 до 18 ноември ќе има вкупно 29 театарски настани, претстави, работилници, промоции и мастерклас предавања
Со претставата „Декамерон“, во режија на Мартин Кочовски на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп на 8 номври ќе биде отворено 48. издание на Млад отворен театар – МОТ. До 18 ноември ќе има вкупно 29 театарски настани, претстави, работилници, промоции и мастерклас предавања. Годинешната програма на фестивалот е поддржана од Министерството за култура со 3,9 милиони денари, Градот Скопје со 650.000 денари, а преку партнерства, фондови, амбасади и министерства на други држави, за достојно одбележување на фестивалот обезбедени се дополнителни 2,3 милиони денари.

„Браќа Карамазови“
Вториот ден на сцената ќе биде претставен рускиот реализам – „Браќа Карамазови“, претстава со која режисерот Оливер Фрљиќ по девет години се враќа на сцената на „Загребско казалиште младих“ – ЗКМ. Претставата е работена во два дела, како две засебни претстави, заедно заокружувајќи се во една претстава. Публиката ќе има можност да одбере дали ќе го гледа првиот, вториот или двата дела.
Достоевски е мотив и за крајот на вечерните театарски продукции, каде публиката ќе го гледа „Евангелие по Ф.М. Достоевски“ во режија на Јернеј Лоренци, а во изведба на Српски народен театар од Нови Сад, Србија.
МОТ ја продолжува минатогодишната иницијатива за поддршка и промоција на домашната независна сцена.
– И оваа година МОТ ја доделува наградата БИШ, иницијатива која ја започнавме минатата година, како дел од нашите заложби за поддршка и промоција на домашната (пред сè) независна сцена. На отворениот повик се пријавија 25 театарски претстави од домашната независна продукција, а на фестивалот ќе бидат прикажани шест селектирани претстави. Оценувањето на претставите го прави тричлено меѓународно жири – информира Русе Арсов во името на тимот на МКЦ.
Како дел од ова програма, премиерата ќе има и претставата „Поол“ во режија на Шенај Мандек, а во копродукција меѓу минатогодишните добитници на наградата БИШ 2022 Артопиа и Хибрид.

Сцена од „Геа“
Пред скопската публика ќе биде прикажана и претставата „Геа“ во продукција на ErosAntEros од Италија, меѓународна копродукција во која учествува и МКЦ/МОТ фестивалот, а која е реализирана како најдобар проект на EFFEA програмата за 2023 година. Во рамките на официјалната програма се уште и продукции од Естонија, Словенија, Германија, Чешка, Турција и Македонија.
При крајот на фестивалот, како потсетување на сцената во Железничката зграда во Скопје, ќе биде претставен перформансот/инсталацијата „Градот како сцена II – приказна за шетачот“, како продолжение на истражувањето претставено во рамки на Македонскиот национален павилјон на Прашкото квадриенале за перформанс дизајн и простор во 2023 година. По овогодишното претставување, кое партнерски го реализираа ФРУ и МОТ фестивалот, во рамките на оваа тридневна програма гости се и водечките лица на Прашкото квардинале.

„Скриената улога на продуцентот“ е насловот на мастеркласот што ќе го одржи Душан Пернат, долгогодишен продуцентот и менаџер за турнеи на Словенско младинско гледалишче од Љубљана. Придружната програма е збогатена и со промоција на монографијата за Коле Чашуле на проф. Ана Стојановска, работилница на режисерот Мираз Метин, а во соработка со Локомотива од Скопје ќе биде реализирана и дискусија – кураторски разговори „Институција која недостасува/Дијалог кој недостасува“.
Дизајн на постерот на фестивалот е Бабак Сафари – графички дизајнер од Иран. Целосната програма и распоред на фестивалот можат да се погледнат на официјалната страна на фестивалот mot.mk, а билетите можат да се набават преку билет сервисот на МКЦ bileti.mkc.mk.





