Со краткиот филм „Тага“ во режија на Тина Величковиќ, по што ќе следува дипломската претстава „Вилицата на Ибен Бајерс“, во режија на Борис Василески, и двете целосно создадени од студентите на ФДУ, вечерва во 20 часот на сцената на Факултетот на драмски уметности ќе бидат отворени 31. „Скомрахи“.
Осум театарски претстави и 25 филмови на студенти од Романија, Србија, Полска, Хрватска, Косово, Албанија, Шпанија, Белгија, БиХ, Турција, Црна Гора, Чешка, Иран, Германија и од Македонија ќе бидат дел од програмата до 5 ноември. Богатата програма вклучува и изложби, работилници, дискусии и предавања, заедно со препознатливиот СкомрахОФФ, музичка програма и забави во бифето на ФДУ.
-Како и во изминатите 31 година, средбите во целост се простор за креативноста, енергијата и пасијата на студентите – новите Скомраси. Како и во минатото, така и денес тие продолжуваат да размислуваат и создаваат со поглед и кон иднината, со сите нејзини предизвици. А на овогодишното издание акцентот го ставаат и на своите „улоги” во уметноста во новото време, што се одликува со се поголема „улога” на вештачката интелигенција. Публиката е добредојдена со бесплатен влез за сите настани – велат од ФДУ.
Средбите се поддржани од ФДУ и Министерството за култура. Повеќе за програмата на следниот линк.





