Италијанска премиeра на „М“ на Вардан Тозија на филмски фестивал во Трст

Македонскиот филм „М“ во режија на Вардан Тозија утре ќе биде прикажан на фестивалот Trieste Science + Fiction Festival во Трст. Ова е италијанска премиера на филмот работен по сценарио на Вардан Тозија и Даријан Пејовски, продуценти се Дарко Попов и режисерот Тозија, а работен е со копродуценти од Франција, Хрватска, Косово и Лукембург, со мнозинска македонска продукција.

23. издание на фестивалот носи многубројни настани и филмски премиери кои не треба да се пропуштат и кои ја потврдуваат меѓународната слава на фестивалот за научна фантастика во Трст како иновативен, влијателен и динамичен настан, велат организаторите. Фестивалот се одржува од 27 октомври до 1 ноември, а го организира Центарот за кинематографско и аудиовизуелно истражување и експериментирање La Cappella Underground, кој ги носи најдобрите продукции од жанрот фантазија на големо платно. Годинава има над 50 светски, меѓународни и национални филмски премиери во три натпреварувачки програми во присуство на режисери, актери и автори од целиот свет.

– Фестивалот на научна фантастика во Трст отсекогаш бил во првите редови на истакнување на важни актуелни прашања, со фокус на квалитетот кој е незаменлив. Секогаш еден чекор понапред од космичката крива, мисијата на фестивалот е да го поттикне жанрот во нови возбудливи насоки за нашата публика која постојано се зголемува – вели уметничкиот директор на фестивалот Алан Џонс.

Во дистописката приказна на Тозија за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури, барајќи ја својата самовила улогите ги толуваат: Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Камка Тоциновски, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Верица Недеска, Владимир Тулиев, Оливер Митковски, Мирослав Петковиќ, Жаклина Петровска, Благоја Веселинов, Борис Дамовски, Јамина Билаловиќ, Михајло Миленковски и Тони Михајловски.

Кинематографер е Владимир Самоиловски, костимите се дело на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек, музиката е на реномираниот филмски композитор Натаниел Бергес (Nathanaël Bergèse) во соработка со францускиот ко-продуцент „Les Contes Modernes“.

Филмот е поддржан од Агенција за филм, Хрватскиот аудио визуелен центар, Косово филм центар, SACEM (Франција) ТВ ТелМа (Македонија), Agora Co-Production Market at IFF Thessaloniki 2019 ScriptTeast 2020 – Script Development Workshop (Poland, Germany, France) Sofia Meetings (WiP) at IFF Sofia 2020.

Сподели