8 театарски претстави и 25 филма на студенти од 15 земји на „Скомрахи“

Осум театарски претстави и 25 филмови на студенти од Романија, Србија, Полска, Хрватска, Косово, Албанија, Шпанија, Белгија, БиХ, Турција, Црна Гора, Чешка, Иран, Германија и од Македонија ќе бидат дел од програмата на 31. Фестивал „Скомрахи“, што ќе се реализира од 1 до 5 ноември. Богатата програма вклучува и изложби, работилници, дискусии и предавања, заедно со препознатливиот СкомрахОФФ, музичка програма и забави во бифето на ФДУ.

Студентскиот фестивал ќе биде отворен со краткиот филм „Тага“ во режија на Тина Величковиќ, по што ќе следува дипломската претстава „Вилицата на Ибен Бајерс“, во режија на Борис Василески, и двете целосно создадени од студентите на ФДУ.

-Како и во изминатите 31 година, средбите во целост се простор за креативноста, енергијата и пасијата на студентите – новите Скомраси. Како и во минатото, така и денес тие продолжуваат да размислуваат и создаваат со поглед и кон иднината, со сите нејзини предизвици. А на овогодишното издание акцентот го ставаат и на своите „улоги” во уметноста во новото време, што се одликува со се поголема „улога” на вештачката интелигенција. Публиката е добредојдена со бесплатен влез за сите настани – велат од ФДУ.

Средбите се поддржани од ФДУ и Министерството за култура.

Сподели