Веруваме дека имаме доста талентирани ученици на кои им фали само малку за да си го претстават својот талент, а досега немале можност или финансии да си го дозволат тоа, вели Анита Атанасова-Грчев
Бесплатни онлајн-курсеви по математика и информатика (програмирање за почетници) организира здруженито „Бистри умови“. Предавањата почнуваат во ноември, ќе се одржуваат за време на викендите и се наменети за ученици од 4 до 9 одделение (за секое одделение посебно). Часовите ќе бидат достапни за сите преку линкови кои редовно ќе бидат објавувани на веб страницата на „Бистри умови“, на нивните профили на Линкдин и на Фејсбук.
– За часовите по програмирање нема одредена возраст и може да ги посетуваат сите кои имаат желба да се запознаат со програмирањето и да научат како да програмираат. Курсевите се наменети повеќе за почетници, ученици кои имаат талент и сакаат да учат и да се натпреваруваат, а немаат финансии и услови за учење и надоградување, но секако можат да се вклучат и ученици кои веќе имаат искуство со натпреварите – вели Анита Атанасова-Грчев, претседателка на здружението.
Часовите ќе бидат еднаш неделно, по 3 часа, а предавачи ќе бидат наставници по математика кои веќе имаат искуство со подготовки за натпревари по математика. Часовите по информатика, односно програмирање во програмата Ц ++ , се однесуваат за сите ученици кои имаат желба да се запознаат со програмирање, а ќе ги држат ученици кои се дел од тимот кој ја претставува Македонија на меѓународните олимпијади.
– Нашата цел е да им помогнеме на учениците од нашата земја кои заслужуваат да добијат помош, знаење и надоградување. Веруваме дека имаме доста талентирани ученици на кои им фали само малку за да си го претстават својот талент, а досега немале можност или финансии да си го дозволат тоа – вели Атанасова-Грчев.
Таа и нејзиниот сопруг поттикнати од искуството со нивното талентирано дете, одлучиле да го формираат здружението за помош на талентираните уленици. За кусо време тие во хотелот „Брана Градче“ кај Кочани организираа еднонеделени подготовки за информатичарите кои ја претставуваат Македонија на меѓународните олимпијади, преку донации собраа пари за нивните подготовки, собраа донации за Јуниорската балканска олимпијада по информатика да се одржи во Македонија и почнуваат со бесплатни онлајн часови по математика и информатика.
– Направивме и договор со обединетата македонска дијаспора кои во иднина ќе ни помагаат за собирање на средства за „Бистри умови“ и реализирање на идни проекти, а веќе аплициравме во странски фондови за користење на грантови за поопширни и долгорочни проекти – вели Атанасова-Грчев.
Насловна фотографија: Бистри умови





