Два филма со македонска малцинска копродукција учествуваат на Фестивалот во Сао Паоло

„Чуварите на формулата“ и „Молкот на сирените“ – два филма во кој копродуцент е „Скопје филм студио“ ќе учествуваат на 47. Интернационален филмски фестивал во Сао Паоло, Бразил. „Чуварите на формулата“ е во режија на Драган Бјелогрлиќ, српско-македонско-словенечко-црногорска копродукција. „Молкот на сирените“ е дебитантско остварување на Газменд Нела, направен како косовско-швајцарско-албанско-македонска копродукција. Двата филма се поддржани од страна на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.

Фестивалот во Сао Паоло е еден од најголемите во Бразил. Годинава ќе прикаже 362 илма од 96 земји, односно ќе направи преглед на современата светска кинематографија, но ќе претстават и нови трендови, теми, наративи и естетика.

„Чуварите на формулата“ е заснован на романот „Случајот Винча“ на Горан Милашиновиќ, а инспириран од вистински настан што се случил пред точно 65 години. Во Србија, 1958 година, во институција за нуклеарни истражувања, група научници се контаминира за време на експеримент и набрзо се разболува од зрачењето. Тие се испратени на лекување во Париз, но нивната единствена шанса за преживување е трансплантација на коскена срцевина, за тоа време сѐ уште експериментален третман и прв во светот од ваков вид. Филмот се прикажува во фестивалската програма Интернационална перспектива, со проекции закажани за 25, 29 и 30 октомври.

„Чуварите на формулата“, кој имаше светска премиера на Филмскиот фестивал во Локарно, пред публика од околу 8000 гледачи и веќе ги освојува критиката и љубителите на филмот, синоќа беше прв пат прикажан пред македонската публика, на затворањето на фестивалот „Киненова“.

„Молкот на сирените“ го следи Авни, сообраќаен полицаец во мало гратче во Косово, семеен човек, ниту многу чесен, ниту многу храбар. Со неговиот партнер Гезим примаат ситно мито од возачите кои ги сопираат поради брзо возење. Една вечер, мислејќи дека прават добра работа, спроведуваат до полициската станица меѓународен судски обвинител кој возел под дејство на алкохол, со торба полна со готовина во задниот дел од автомобилот. Тие двајцата набрзо се наоѓаат заплеткани во случај на корупција, што оди предалеку за нив.

Нашата актерка Амернис Нокшиќи толкува една од главните улоги во филмот, свој авторски придонес има Влатко Чачоровски како сценограф, а како продуцент се потпишува Томи Салковски. Во рамките на натпреварувачката програма „Нови режисери“, филмот ќе ја доживее својата светска премиера утревечер (20 октомври), а ќе следуваат уште две проекции – на 23 и 28 октомври.

Сподели