Оваа ми беше прва награда досега и бев многу изненадена затоа што не очекував да стигнам до таму, да освојам прво место, вели шестоодделенката Катја Вујовиќ која летово победи на конкурсот „Читањето е супермоќ“
Многу сакам да читам. Тоа за мене претставува одмор од секојдневните обврски, место каде што се запознавам со замислените светови на писателите, нивната имагинација, пораките што ги пренесуваат преку расказите, нивните случки од животот што ни ги прераскажуваат, замислени ликови и необични светови. Читањето за мене е начин да учам и дознавам нови работи, вели шестоодделенската Катја Вујовиќ, ученичка во скопското основно училиште „Лазо Ангеловски“. Таа со расказот „Необичниот свет на Катја“ летово победи на конкурсот „Читањето е супермоќ“ што го организираше издавачката куќа „Арс Ламина“. Во конкуренција на 150 ученици, Катја Вујовиќ заедно со својата менторка Лидија Божиноска, го освоија првото место.
– Кога ќе земам нова книга в раце, нестрплива сум и возбудена да дознаам што ќе се случи во неа, кои се ликовите, како се снаоѓаат во различни ситуациии. Тогаш во рацете држам нов свет кој ми е многу поинтересен од реалниот. Кога ќе почнам да читам не престанувам сè додека не ја завршам книгата или додека не ме здоболат очите од долго читање. Се обидувам да најдам доволно време за читање во денот и покрај многуте обврски – раскажува Катја.

Катја Вујовиќ
Мјака ѝ, Даница Тунтевска-Вујовиќ, раскажува дека Катја отсекогаш многу сакала книги, приказни и раскажување и уште кога била многу мала имала изненадувачки голем фонд на зборови, невообичаен за нејзина возраст.
– Нејзиниот талент за пишување стана очигледен при исполнувањето на училишните задачи и активности по македонски јазик, особено тие што ги работеа на часовите. Како родители, прегледувајќи и ги училишните тетратки, бевме позитивно изненадени од начинот на кој писмено се изразува, создава приказни, смислува рими… Затоа и почнавме да ја поттикнуваме да се пријавува на литературни конкурси во училиштето и надвор од него, за да ѝ се зголеми самодовербата и да ѝ се развива интересот за пишување. Дефинитивно тоа имаше позитивно влијание врз нејзината желба и мотивација да продолжи да пишува – објаснува Тунтевска-Вујовиќ.
Кога имала 7-8 години почнала да пишува песни. Тоа ѝ било забавно зашто ѝ било интересно да смислува рими, но потоа на часовите по македонски јазик, кога имале задача да пишуваат состави, тоа многу повеќе ѝ се допаднало.

– Мислам дека сум подобра во пишување состави и раскази, па се насочив повеќе на тој вид творби и ете до каде ме доведе тоа – до освојување на првото место на конкурсот. Оваа ми беше прва награда досега и бев многу изненадена затоа што не очекував да стигнам до таму, да освојам прво место. Најмногу сакам да создавам приказни за реални, но и за случки кои се нереални. Во победничкиот расказ „Необичниот свет на Катја“ јас всушност се опишував себеси. И јас сакам да излегувам со најдобрите другарки, чии вистински имиња ги спомнувам во текстот, многу сакам да читам, уживам да одам во книжарници и да си одбирам нови книги (иако сум многу пребирлива кога станува збор за избор на книги). И јас живеам во Скопје, Битола, Виена или на Хималаите, бидејќи желбата за патување секогаш ми е присутна, а фантазијата ми работи постојано. Целосно се поистоветувам со главниот јунак од мојот расказ – Катја – вели талентираната ученичка.
Што прават талентираните ученици во рамките на редовниот образовен систем и каква поддршка имаат од наставниците и училиштето во развојот на нивниот талент? Според Тунтевска-Вујовиќ, за жал, нашиот образовен систем со години е тром, стерилен и ставен во некоја рамка која на наставниците не им дозволува посодржајно да им се посветат на децата кои пројавуваат различни интереси. Наставните програми се стерилни, еднолични и дефинитивно не ја поддржуваат, ниту пак ја стимулираат креативноста на децата.

– Доволно е само да се погледнат темите кои им се зададени како задачи за пишување на часовите или дома, секоја година се повторуваат истите теми, па дури и наслови. Имам впечаток дека и училишните секции, кои всушност се наменети за дополнително развивање и насочување на интересите на децата, функционираат само формално. За среќа, Катја досега имаше одделенска наставничка која ѝ посочуваше да се пријавува на литературни конкурси и ѝ задаваше такви задачи за да ја стимулира нејзината креативност во пишувањето. Од оваа учебна година Катја има предметна настава, така што се надевам дека предметниот наставник ќе ја поттикне уште повеќе да пишува и да го развива својот талент – вели Тунтевска-Вујовиќ.
Според неа поддршката на наставниците во развојот на ученичкиот талент за пишување е клучна особено во рана возраст кога децата ги откриваат своите интереси.
– Заедно со родителите, наставниците се една од најзначајните алки во процесот на развој, оние кои треба да го забележат талентот на детето, да го поддржат и да го насочат правилно. Најчесто зборот на наставникот е посилен од оној на родителот и затоа има силно влијание врз желбата на детето и мотивацијата за натамошен напредок – децидна е таа.

Катја не е осамена во војата страст за пишување. Таа има неколку другарки од одделението што пишуваат, а една од нив се пријави на истиот конкурс. Сите меѓусебно си ги споделуваат творбите и се поддржуваат, си помагаат со идеи за пишување и се инспирираат една со друга. На прашањето дали сонува да биде пистаелка кога ќе порасне, Катја одговара дека сè уште не одлучила зашто во моментот има многу различни интереси.
– Се замислувам како професионална одбојкарка затоа што тренирам одбојка неколку години. Но, сакам да станам и градоначалничка затоа што сум уверена дека можам да ги сменам работите на подобро во околината во која живеам или да станам моден дизајнер затоа што сакам да дизајнирам облека и мислам дека сум добра во тоа или пак да станам писателка на книги за деца. Дури и да не биде пишувањето моја професија, се надевам дека ќе продолжам да пишувам за себе како мое хоби – завршува Катја.





