Ангел Спироски, композитор: Делата полесно ни се промовираат во странство отколку дома

Како едно (не толку) утопистичко решение – сонувам за фестивал кој ќе биде комбинација на презентација на неакадемската и академската новосоздадена музика, секако, со силен фокус на создавање естетско единство и обмислен концепт, вели младиот композитор Ангел Спироски

Неговата композиција „…seufzt“ неодамна беше премиерно изведена пред публика во Бендорф, Германија во изведба на ансамблот New Ideas Chamber Orchestra – NICO. Ангел Спироски дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на одделот за композиција во класата на вон. проф. м-р Дарија Андовска. Во 2015 година, паралелно започнува со студиите и на одделот за оркестарско диригирање во класата на проф. м-р Сашо Татарчевски. Во јуни, 2019 година се стекнува со дипломата оркестарски диригент, а во февруари 2020-та и со титулата дипломиран композитор (со највисоки почести – Cum laude).
Има посетувано семинари и мастеркласови кај врвни композитори. Неговите композиции редовно се изведуваат на домашната и интернационална сцена.

Во 2019 Спироски ја добил втората награда на првото издание на Балканскиот натпревар по композиција – „Сребрен Рис“ во Приштина, Косово, а со тоа и нарачка за дело од Косовската фихармонија. Неговата композиција „Додола“ е задолжителна композиција на петнаесетото издание на еминетнит фестивал за универзитетски хорови „Универзитас Кантат“ од Познањ, Полска, кое ќе се одржи во мај 2022 година.
Како диригент има настапувано со вториот хор при Факултетот за музичка уметност, хорот „Драган Шуплевски“ при ФМУ – Скопје, камерниот оркестар при ФМУ – Скопје, ансамблот за современа музика – „КонТемпора“, Македонска Филхармонија, камерни ансамбли на Музичка младина на Македонија.

Како дојде до соработката со New Ideas Chamber Orchestra?

– До соработката дојде случајно. Европската организација EMCY (Европска унија на музички натпревари за млади) за прв пат ја создава работилницата perFORM, а покрај тоа што фокусот на работилницата е насочен кон инструменталисти – победници на натпревари кои влегуваат во нивната унија се одлучиле да направат и мини-работилница за композиција. Практично, организаторите сакале да обезбедат искуство за младите инструменталисти да го почувствуваат притисокот при работа на премиера на една композиција. За таа намена се обратиле до мојот драг колега Борис Светиев кој има поодамнешна комуникација со EMCY, а тој, на моја огромна радост и благодарност, ме препорача мене.

Ви значи ли оваа можност за себепромоција надвор од нашите граници?

– Значењето на овој успех е повеќеслојно. Пред сè, соработките со ансамбли од калибарот на New Ideas Chamber Orchestra (NICO) е неповторливо искуство и одлична шанса за убава премиера, но и животна лекција. За време на целата работилница, јас и NICO соработувавме низ сите стадиуми на композицијата, а ваквата соработка резултираше со спонтана и возбудлива изведба која претставува резултат на еден органски процес. Заклучоците стекнати преку ваков метод на работа остануваат врежани во меморијата на композиторот, па веќе при работа на следната композиција, фантазијата и визијата иако исклучиво апстрактни категории, стануваат поконкретни, а потенцијалниот резултат – појасен. Сепак, покрај личниот успех, од поголемо значење и одговорност ми беше претставувањето на македонската музика и култура, во најширока смисла на зборот. За време на престојот таму, со мислите бев дома, а во секој предизвик влегував со топлина, но и одважност и храброст, обидувајќи се да ги направам горди и луѓето што ме израснале и вложувале во мене, оние кои ќе останат по мене, а на крај и целата заедница.

Колку е тешко да се стигне до сцените надвор?

– Според моите искуства и сознанија можам да кажам дека воопшто не е тешко. Имајќи ја предвид брзата комуникација на денешницата, се испоставува дека повеќе шанси за претставување се појавуваат на интернационално, отколку национално ниво. Ова не е факт кој треба да нè радува, бидејќи истиот алудира на блага парализа на продукцијата на музичката култура во Македонија, но на тоа не гледам како нешто што треба да нè фрустрира, туку напротив – да нè мотивира да ја менуваме ситуацијата.

Колку кај нас обрнуваме внимание на авторската музика?

– Доколку зборуваме за неакадемската новосоздадена авторска музика ќе забележиме дека постојат канали и струи преку кои уметниците стигаат до своите слушатели, а слушателите се трансформираат во следбеници. Сепак, доколку се осврнеме на новосоздадената академска музика, слушатели или попрецизно – слушатели-следбеници, нема.
За жал, не можам да се задржам на една единствена причина зошто ова е вака. Мислам дека истата подеднакво се должи на немањето желба за активно слушање, искусување на музичкото дело со потполн фокус од страна на слушателите, но и неумесната игнорантност кон овој феномен кај авторите. Многу почесто пак, публиката не доаѓа до изложеност на академската музика која се создава денес. Имено, просторите во кои се одржуваат концертите со програма од „современи класични“ автори често не се на мета на публиката која може да прерасне во слушател-следбеник на овој жанр.
Како едно (не толку) утопистичко решение – сонувам за фестивал кој ќе биде комбинација на презентација на неакадемската и академската новосоздадена музика, секако, со силен фокус на создавање естетско единство и обмислен концепт.

Освен „Денови на македонската музика“, сметате ли дека македонските композиции треба да се позастапени на сцените на Филхармонија и другите оркестри?

– Сметам дека прво треба да се зголеми продукцијата на нови дела. Тоа природно ќе создаде притисок кон ансамблите и фестивалите таа да биде изведувана. Процесот за доаѓање до повеќе пати изведувано дело е макотрпен и бара многу време, а препознавањето на овој труд не секогаш оди паралелно со творечкиот напор. На пример, американскиот композитор Чарлс Ајвс во моментите кога најмногу творел, бил најмногу игнориран. Огромен број на неговите издадени композиции (не манускрипти; ракописи) не биле изведени, сè до неговата смрт. За 50 години од неговата смрт реномираниот конзерваториум „Џулијард“ да организира шестдневен фестивал во негова чест. Скоро, пак, дојдов до информација која нè враќа дома – македонскиот композитор Гоце Коларовски имал напишано десетици композиции за гудачки оркестар кои не биле изведени до ден денес. Не би сакал да замислам колку посиромашна би била светската музичка култура доколку овие примери би се откажале или би го редуцирале својот творечки моментум поради немањето доволно изведби. Сето ова за кое зборувам е многу тешко да се постигне во контекст на веќе втората петтина од 21 век, кога авторите обезбедувајќи си ја егзистенцијата, се борат да стигнат до малку слободно време и да се посветат на своето творештво. Јас лично малку успевам во тоа, но верувам дека преку меѓусебно бодрење и колегијален однос меѓу композиторите, оваа состојба ќе се надмине. Во секој случај, фали платформа која би ги мотивирала авторите. Доколку се обнови и надгради една програма која до пред неколку години беше активна и оставаше простор авторите да ги аплицираат своите дела, а ги задолжуваше институциите да ги изведат премиерите на оние дела кои беа одобрени од комисиите, тогаш таквата зголемена продукција ќе се појави по еден природен пат, а највредните дела ќе си го добијат своето место во концертните сали преку филтерот на времето.

 

Сподели