Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје вечерва во 19 часот ќе се одржи разговор со Елизабета Баковска и Сашо Димоски, автори на фотокнигата „Во главата пишувам расказ“. Разговорот е дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори“ што библиотеката ја започна минатата година. Разговорот ќе го води литературната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
– Книгата „Во главата пишувам расказ“ е прозен, лирски, животен „сендвич од деца и возрасни, прво како зајре, а потоа како лепче“; книга за родители и за нивните деца кои станале родители; за мајка и ќерка која станала мајка… Книга за последните денови од животот и за првите денови на смртта; за краткиот период во нашите животи кога истовремено ги играме двете улоги во животот: некому сме дете, другему – родител – пишува Оливера Ќорвезироска во предговорот на книгата.
Елизабета Баковска (Битола, 1969), дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрата за англиски јазик и книжевност. Докторирала на тема од областа родови студии на Институтот Евро-Балкан. Била главен уредник на електронското списание за култура и литература Блесок (www.blesok.mk). Преведува, пишува поезија, проза и книжевна теорија и критика. Нејзина поезија, проза и критички текстови се преведени и објавени на повеќе јазици. Авторка е на 14 книги.
Сашо Димоски (Охрид, 1965) се занимава со фотографија и компјутерска графика. Дипломирал и магистрирал фотографија на Универзитетот ЕСРА, а работел во Македонската телевизија и пишувал за културните рубрики на „Утрински весник“ и магазинот „Глобус“. Од 2007 година бил и фотограф на археолошки истражувања, а свои фотографии и текстови објавувал и во електронското списание „Блесок“. Бил уредник на Галерија Блесок. Зад себе има неколку самостојни изложби, неговите фотографии се дел од неколку книги. Настанот е дел од богатата понуда на Град Скопје – Европска престолнина на културата за 2028 година.





