Претставата „Отело“, копродукциски проект помеѓу театар „Улисис“ од Бриони, Хрватска и Сараевскиот воен театар САРТР, во режија на Оксана Дмитриева, ќе биде изведена вечерва во 20 часот на сцената на Драмскиот театар во Скопје. Со оваа претстава ќе биде спуштена завесата на вториот фестивал РУТА, што обединува театарски продукции од регионот.

Драматург на претставата е Нејра Бабиќ, на проектот соработуваа Раде Шербеџија и Ленка Удовички. Сценограф и костимограф е Михајло Николајев, музиката е на Катерина Палачова, а кореографијата – на Ина Фалкова.

Улогите ги толкуваат: Eрмин Браво, Албан Укај, Ана Марија Брџановиќ, Давор Сабо, Маја Салкиќ, Јасенко Пашиќ, Снежана Богичевиќ, Аднан Крешо, Ален Коњиција, Мак Ченгиќ
– Живееме во време на војни кои постојано нѐ пратат, а од 24 февруари 2022 година над нас е сенката на војната во Украина. Како луѓе и уметници важно е да проговориме, да дејствуваме и да поставуваме прашања. Едно од најдлабоките чувства кое го носам со себе како лично искуство од времето на деведесеттите години од минатиот век, е чувството на шок, дезориентација, страв и осаменост што се случува кога ќе осознаете дека се соочувате со она што е непоимливо… Војна. Во тој миг на соочување со најинтимните длабочини на човековата душа и природа, од непроценливо значење ми беше пружената пријателска рака – вели режисерката Дмитриева.

Удовички објаснува дека со оваа соработка, ја изразуваат нивната солидарност и поддршка со колегитеуметници од Украина.
– Оксана Дмитриева го предложи текстот „Отело“ како приказна за херој кој по војната мора да продолжи да живее во мирновременско опкружување. Да, тоа е тоа. Шекспировата генијалност повторно нѐ поврзува – вели Удовички.
На прес конференцијата за претставата актерската екипа говореше за процесот на создавање на истата, за безвременоста на текстот на „Отело“ и посттрауматскиот синдром на луѓето што биле учесници во воените дејствија. Тоа што регионот и Сараево го преживеаја во деведесеттите, Киев во изминатата година, а овие денови го преживуваат луѓето во Израел и појасот Газа е стравотно и остава далекусежни трауми на повеќе генерации.
Актерската екипа ја истакна благодарноста за соработката со режисерката Оксана Дмитриева и нејзиниот тим од Украина. Нивна трајна придобивка е можноста да се запознаат со поинаква театарска школа и да дадат свој придонес во испреплетувањето на различни културолошки влијанија во самиот процес на подготовка на претставата.
Премиерата на претставата беше на Бриони во јули каде што се играла неколкупати и по сараевската премиера, вечерва во Скопје „Отело“ ќе биде изведена на затворањето на фестивалот РУТА.
Фестивалската публика на годинешнава РУТА имаше можност да проследи шест претстави на ансамблите членки на РУТА и неколку театарски копродукции што го збогати фестивалот и поврзувањето на театарските куќи во регионот.





