Венко Андоновски и Олга Панкина ја добија Толстоевата награда за „Папокот на светлината“

Нашиот писател Венко Андoновски ја доби меѓународната Толстоева награда „Јасна Полјана“ за 2023 година на церемонија што се одржа во Бoљшој театарот во Москва. Тој е наградаен за романот „Папокот на светлината“ кој од македoнски на руски јазик го преведе Олга Панкина, еминентната македонистка, преведувачка на над 70 книги од македонски автори и афирматор на македонската култура. Таа ја доби наградата за „Папокот на светлината“, како најдобар превод на руски јазик. Добитникот на наградата го соопшти жирито составено од еминентни руски писатели: Владимир Илич Толстој (правнук на Лав Н. Толстој), Алексеј Варламов, Евгениј Водоласкин, Владислав Отрашенко и Павел Басински. Одлуката за наградата е донесена едногласно.

Во категоријата „странска литература“ беа номинирани 30 дела од 16 земји од 5 континенти. Во потесна конкуренција покрај Андоновски беа и: „Палата на соништата“ на Исмаил Кадаре (Албанија), „Внука“ на Бернхард Шлинк (Германија, познат по романот и филмот „Читачот“), „Зимски војник“ на Даниел Мејсон (САД, познат по „Пијано штимер“), „Пиштарки“ на Фернандо Арамбуру (Шпанија), „Кожурец“ на Џанг Јуеран (Кина), „Звукот на нештата што паѓаат“ на Хуан Габриел Васкез (Колумбија) и „Ветување“ на Дејмонд Галгут (Јужна Африка).

Со оваа награда Андоновски се придружува кон листата на досегашните добитници: Џулијан Барнз (Велика Британија), Ју Хуа (Кина), Рут Озеки (Kанада-САД), Орхан Памук (Турција), Марио Варгас Љоса (Перу), Патриша Данкер (Велика Британија), Хернан Ривера Летелиер (Чиле) и Амос Оз (Израел). Меѓународната Толстоева книжевна награда „Јасна Полјана“, за најдобар странски роман преведен на руски е востановена во 2015 година, а ја доделуваат Музејот „Јаснаја Полјана“ и „Самсунг Електроникс“.

Книжевниот подем на Андоновски на руското книжевно подрачје започна уште во 2007 година, кога за романот „Папокот на светот“ (повторно во превод на Панкина) ја доби наградата „Југра“ (најдобар роман од сите словенски книжевности преведен на руски јазик). Следуваа три изданија на романот „Азбука за непослушните“ (третиот е двојазичен, руско-македонски) и други признанија, меѓу кои и „Златен витез“ за драматургија, минатата година, кога Панкина преведе и објави на руски три негови драми.

Романот „Папокот на светлината“ го првообјави издавачот „Три“ од Скопје, и за девет месеци доживеа четири македонски изданија (4 000 примероци), а ја доби и наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија.

Фото: ТРИ

Сподели