Јас во декември полнам 40 години и таа 40-ка некако ми е можност за расчистување со некои негативни искуства, размислувања и верувања што биле претежок товар, но и можност за првпат во животот да ја почувствувам моќта на самољубовта и самопочитта – вели Петров.
Животни лекции сместени во две сосемa различни приказни, напишани на различен начин, а со иста цел – поддршка и самопоттик се кријат во основата на новите дела на авторот Коста Петров, што ќе ги промовира вечерва во 19.30 часот во Филхармонија кафе бар. Освен во длабоко искрените приказни од својот живот, Петров се посветува и на будење на чувството за самосвест и самољубов кај децата. И двата наслова се занимаваат со темата на себеприфаќањето, напоредно со помирувањето со своето минато.

Со над 50.000 продадени примероци од своите пет досега објавени книги, Коста Петров е еден од најчитаните автори во нашата земја.
Промовирате две изданија истовремено. Прв пат пишувате сликовница. Како се роди оваа идеја, дали ве исплаши можеби предизвикот?
– Долго време размислував да напишам сликовница, но моите мисли секогаш биле прекомплицирани, па дури и конфузни некогаш, а за детска сликовница треба да имаш јасна и чиста мисла, со една реченица да опишеш многу емоции. Најверојатно пишувањето на „Сè што би сакал да знаев порано“ најмногу ми помогна во процесот на креирање на сликовницата. Книгата е за најважниот разговор во нашиот живот, оној со детето во нас. Кога го завршив ментално тој разговор, тогаш и се роди чистата мисла потребна за сликовницата. Се разбудив едно утро во 4 часот и за 20-ина минути ја напишав приказната за „Јас и ти“.
Текстот и илустрацијата мора да се во љубов за да се роди убава сликовница. Каква ви беше соработката со илустраторката Љупка Стојкова?
– Најмногу се плашев од процесот на илустрирање. Во глава точно имав замислено како треба да изгледаат ликовите и мислев дека никој нема да може да ги долови така како што јас ги замислував. И тогаш ја запознав Љупка. Само со еден разговор, како да влезе во мојата глава и ги извади сите идеи што ги имав во неа. Кога го добив првичниот дизајн, плачев од среќа. Сликовницата испадна баш така како што јас ја замислував и бескрајно сум ù благодарен на Љупка што ги оживеа ликовите што живееја само во мојата глава.

Како се создаваше „Сè што би сакал да знаев порано“? Дали можеби тлееше подолго време во вас? Според насловот, се навестува дека е автобиографско дело, ако може да ни откриете повеќе за тоа што ја очекува публиката?
– „Сè што би сакал да знаев порано“ постоеше во мојата глава неколку години, но немав храброст да седнам и да ја напишам. Се плашев да разговарам за некои теми, за некои трауми што сум ги потиснал длабоко во себе, но како и сè во животот, за сè постои совршен момент. Јас во декември полнам 40 години и таа 40-ка некако ми е можност за расчистување со некои негативни искуства, размислувања и верувања што биле претежок товар, но и можност за првпат во животот да ја почувствувам моќта на самољубовта и самопочитта. Ако човек не е добар кон себе, не може да биде добар кон никого. Книгата ми помогна и конечно да си простам себеси за некои животни одлуки. Толку лесно им простуваме на другите, а толку тешко си простуваме самите на себе. Живееме со една нога во минатото, фокусирани на иднината, а забораваме на овој миг, сега. А нема ништо помоќно од сегашниот миг.
Многу отворено зборувате (како и што треба) на темата колку е важно прво младите и секој од нас да се самопочитува и сака себеси, за да може да зрачи и да дава љубов и на своите блиски. Што најмногу вам ви помогна за да ја осознаете оваа вистина?
– Животот. Животот ме научи дека нема ништо помоќно од самољубовта и самопочитта. Долги години се самоказнував, не знаев да уживам во сопствениот успех, не знаев да се радувам на убавите работи, секогаш мислев дека можам повеќе, можам подобро. Мечтаејќи по тоа подобро, поголемо, престанав да живеам и во еден момент од животот веќе не знаев кој сум ни во што верувам. Најверојатно и тогаш започна трансформацијата. Кога си на дното, сам со своите мисли и малку по малку почнуваш да го расчистуваш товарот што си го носел со години. И сфаќаш дека животот не треба да биде базиран на некакви си соништа. Да, важно е да имаш големи соништа, но многу поважно е да научиш да живееш. Јас сакам да живеам, сега, во овој миг!

Каков е планот за промоција на двете дела?
– Се радувам на оваа промоција како да ми е прва промоција. Можеби и поради тоа што книгата си ја посветувам самиот на себе и на детето во мене. Се радувам на дружбата вечерва во 19 часот во Филхармонија кафе бар. Ќе биде релаксирано, со позитивна енергија и можност да им се заблагодарам на сите читатели што биле покрај мене овие изминати 10 години. Бескрајно сум благодарен за љубовта.





