Повеќе од 11.000 натпреварувачи од 53 земји ќе учествуваат утре на 19. издание на „Виз Ер Скопски маратон“. Ова е голем успех, со оглед на тоа дека минатата година имаше околу осум илјади учесници. Рекорд досега е 12.500 учесници во 2019 година.
Од македонските натпреварувачи, најмногу се очекува од Дарио Ивановски кој има амбиции да се пласира на Олимпијадата во Париз следната година и истакна дека е во врвна форма.

– Верувам дека можам да постигнам нов државен рекорд и дека ќе го истрчам најдобриот резултат за да се пласирам на Олимписките игри во Париз. Благодарност до моите спонзори и МОК кои ми помагаат да ги постигнам моите цели. Во 2021 победив, но тогаш реално немаше голема конкуренција. Овој пат сакам да победам на Скопскиот маратон, иако ќе има натпреварувачи од Кенија. Верувам дека ако истрчам личен рекорд или барем блиску до тоа време, имам шанса за победа, рече Ивановски.
Најдобриот македонски маратонец ги повика скопјани да излезат на улиците низ главниот град и да им дадат поддршка на сите тркачи.
Покрај маратон, ќе се трчаат и полумаратон, штафетен маратон и трката на 5 км.





