Куклената претстава „Грешка 404“ на Театарот „Ангелес де Трапо“ од Малага, Шпанија ќе биде изведена вечерва во 19.30 часот на сцената на Театарот за деца и младинци во Скопје. Со оваа претстава ќе биде затворено второто издание на Фестивалот на детски театар „Игор Маџиров“.
Претставата е наменета за деца над осум години.
„Грешка 404“ е перформанс без зборови што се обраќа и на децата и на тинејџерите. Оваа деликатна и емоционална драма ве охрабрува да размислувате за смислата на животот, за чудата што животот ни ги нуди, а ние не ги забележуваме.
Режисери се Вагнер Гало и Хулио Гало. Настапува Вагнер Гало. Претставата трае 50 минути.
На Фестивалот „Игор Маџиров“ гостуваа театри од повеќе европски земји и изведоа осум претстави на повеќе сцени низ Скопје.