Филмот „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски, ќе ја добие можноста за да се трка за номинации за 36. Европски филмски награди, соопшти денеска Европската филмска академија (ЕФА).
Кон крајот на август, најпрвин беа избрани 19 играни филма, а сега во потесниот избор се додадени уште 21 филмски остварувања, па финалната селекција содржи 40 европски филмови од вкупно 31 европска држава.
Од денес, па се до 7 ноември членовите на Академијата ќе имаат можност да гласаат за избраните филмови, по што врз основа на гласовите, ќе бидат објавени номинациите во категориите: најдобар европски филм, режисер, актер, актерка, сценарист и европски документарен филм.
Избраните филмови дополнително ќе бидат земени предвид и за наградите во категориите за најдобра кинематографија, монтажа, продукциски дизајн, костимографија, шминка и фризура, оригинална музика, звук и визуелни ефекти. Тие ќе бидат избрани од осумчлено жири составено од претставници на различни уметности и професиии.
Свеченото доделување на наградите, познати како европски Оскари, е закажано за 9 декември во Берлин.
На 80. издание на фестивалот во Венеција, „Домаќинство за почетници“ ја доби 17. Queer Lion награда, во конкуренција од 16 филмови, меѓу кои и филмовите на Dog Man на Лук Бесон и Maestro на Бредли Купер, а филмот продуциран од Лист продукција – Скопје го отвори и 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера, „Браќа Манаки“.
„Домаќинство за почетници“ е избран и за годинашен македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“, а во скопските кина ќе почне да се прикажува од 12 октомври.
Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм, а преку компанијата Focus Features ќе биде дистрибуриран на територијата на САД. Интернационален дистрибутер на филмот за останатите територии е Universal Pictures, додека продажните агенти на филмот New Europe Film Sales од Полска ќе го застапуваат филмот на територија на југоисточна Европа.





