Кога ќе добиете „Оскар“, ве канат на следни проекти за да си ја подобрат својата банкарска сметка

Едноставноста е најдобра, но не и секогаш најлесна – рече оскаровецот Питер Бижу, на мастеркласот во негова чест во рамките на 44. ИФФК „Браќа Манаки“.

Никогаш не работев со режисери кои имаат големо его и кои имаат голема самобитност. Во исто време, имам потреба да верувам во сценариото, зашто сметам дека морам да бидам во синергија со приказната, истакна оскаровецот Питер Бижу, вчера на мастеркласот што се одржа во киното „Манаки“, во рамките на 44. ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола. Голем интерес за средбата со Бижу покажаа гости на фестивалот, млади филмаџии, кинематографери, но и филмофили. Тие можеа да погледнат извадоци од легендарните:Мисисипи гори, Шоуто на Труман, Во името на таткото, Штета, Пинк Флојд: Sидот, Животот на Брајан, Временски бандит, 9 ½ недели, Ричард Трети и редица други антологиски филмови.

– Работев сè. Со работењето на реклами, си го платив студирањето. Секогаш добро си ја сработував домашната, снимав навечер со касети, експериментирав, додека не бев сигурен што можам да направам и како да го постигнам. Бев и асистент на снимателот. Тоа ми помогна да се изградам себеси и да изградам самодоверба. Во минатото снимав реклами. Запознав многу режисери во мојот живот. Имав среќа што не морав да прифатам да работам на филмови кои не ми се допаѓаа. Флексибилен бев во изборите кои ги правев, рече Бижу.

Во разговор со Најџел Волтерс, поранешен претседател на Интернационалната федерација на кинематографери ИМАГО, Бижу кажа дека останал во контакт со компании, кои се бават со снимање реклами. Тоа е лојалност, истакна оскаровецот.

Посетителите имаа можност да погледнат сцени од легендарниот филм „Мисисипи гори“ од 1988 година, за кој доби „Оскар“.

– Сценариото за овој филм има многу тешка тема. Знам дека е ова тежок филм, таков и беше замислено да биде. И од старт знаев дека можам да се справам со сценариото. Овие моменти секој пат ми се тешки за гледање. Откако заврши снимањето на „Мисисипи гори“, ми беа потребни неколку недели за да закрепнам емотивно. Најчесто одев по неколку недели во Франција да се одморам. Прекрасно беше кога добив „Оскар“за овој филм бидејќи не го очекував воопшто. Всушност не ни знаев дека сум номиниран. Снимавме филм со Ридли Скот, кога дојде и ми честита за номинацијата. Тоа беше големо изнанедување за мене, зашто јас не сум научен да бидам во центарот на вниманието. Се сеќавам Алан Паркер беше разочаран што не доби номинација за режија, а имаше седум номинации за филмот. Му реков: Прекрасно е да имаш седум номинации – Британец што работи филм за историјата на Америка во САД – тоа е голема работа – раскажа Бижу.
Тандемската соработка меѓу Бижу и Алан Паркер започна во 1976 година со филмот „Багзи Мелоун“, кога беше лансиран талентот на подоцнежната актерска sвезда Џоди Фостер, а заедно работеа и на антологиското дело од 1982. „Пинк Флојд: Sидот“.

Според него, многу е корисно, кога се снима голем филм, кинематограферот да има добар снимател.

– Секогаш ги бираме луѓето со кои сакаме да работиме. За „Мисисипи гори“, работев со тројцата сниматели и претходно, па веќе се познававме. Многу е добро ако се познавате со режисерот и со снимателите, тогаш полесно соработувате. Едноставно е. Тоа е заедничко нешто, додава Бижу.

Во однос на тоа, како тој работи во однос на осветлувањето додека снимал, тој кажа дека се трудел да работи што поедноставно.

– Кога го читам сценариото и ми се допаѓа, тогаш разговарам со режисерот. Едноставноста е најдобра, но не и секогаш најлесна – рече тој.

Публиката исто така погледна сцени од филмовите „Ричард Трети“ и „Шоуто на Труман“. Тој кажа дека целиот сет бил во Њујорк и дека на филмот екипата работела една година.

-Специјалните ефекти и анимации ми помогнаа да го остварам тоа што го замислував, додаде Бижу, кој кажа дека е пензиониран пред многу години и дека поради тоа не знае многу за новите технологии, но оцени дека е добро тоа што технологијата овозможува истата да се користи во се покреативни цели.

-Кога ќе добиеш „Оскар“ многу луѓе сакаат да те земат во продукција за да си ги подобрат своите банкарски сметки. Но после „Оскарот“ добив многу промашени сценарија. И сите ги читав темелно. Кога немаше да кликнам ги одбивав – се потсетува Бижу.

За тоа како стана дел од „Шоуто на Труман“:

-Режисерот Питер Вир ми се јави и ме замоли да го прочитам сценариото. Вообичаено сценаријата си ги читам во недела наутро, со кафе, појадок и цел ден се посветувам на тоа. Веднаш ме зграпчи ова сценарио.

Тој им даде совет на студентите и младите што сакааат да се бават со филм:
„Работете веднаш после студии, дури и да не е доволно платено, тоа е бесценето искуство што ќе го добиете.“

Сподели