Во Даут-пашиниот амам во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Мултиверзум“ од еден од најреномираните уметници во Македонија, Симон Шемов. Присутните ќе ги поздрави Дита Старова-Ќерими, директорката на Националната галерија, поетот и академик Влада Урошевиќ и историчарката на уметност Ана Франговска, куратор на проектот.
Шемов ќе изложи дела создавани во изминатите десет години. Во оваа богата уметничка продукција, покрај „новиот“ емпиризам, таа го носи и бремето на минатогодишното искуство подолго од половина век, со онтологијата и антолошкото значење на едно богато уметничко кредо.
– Најновиот творечки циклус на маестро Шемов, насловен „Мултиверзум“ се занимава главно со аспекти на космологијата и космогонијата, т. е. со проблемите на појавата и егзистирањето на космосот и универзумот, а секако, преку оваа општа феноменолошка семантика, и со посебната хуманистичка егзистенцијална природа на човекот, трагање кон посебното од општото или обратно, преку субјективното и сингуларното кон безграничното – вели Франговска.
Симон Шемов е роден во Кавадарци во 1941 година. Дипломирал на Факултетот за ликован уметност во Белград во 1964 година, а постдипломски посетувал на Академијата за ликовни уметности Слејд, при Универзитетскиот колеџ во Лондон. Од 1970 до 1981 година предавал сликарство, цртеж и за општата феноменологија на боите на Архитектонскиот факултет во Скопје, каде што е професор на предметите сликарство, цртеж и медиум целулоза. Како виситинг професор одржал предавања на универзитети во Чикаго, Бостон, Ајова, Темпи во САД, во Токио – Јапонија, на Универзитетот во Велико Трново во Бугарија. Покрај сликарството се занимава со графика, ликовни интервенции, инсталации, со медиумот рачно изработена хартија, дигитална графика. Неговите дела се наошаат во многу музеи и колекции во светот.
Излошбата во Даут-пашиниот амам ќе биде отворена до 2 октомври.