20 фотографии дел од изложбата „Битола – просторни интерполации“ во „Магаза“

20 фотографии на 15 фотографи и три од членовите на жирито се поставени на изложба на првиот кат на битолската „Магаза“ обединети под насловот „Со љубов од Битола“. Изложбата е дел од дополнителната програма на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ и ќе биде отворена до 29 септември, кога завршува и фестивалот.

Темата на фотоизложбата годинава беше „Битола – просторни интерполации“ – пресек на старата и новата архитектура. Свои фотографии испратија 19 фотографи. Од пристигнатите повеќе од 90 дела стручното жири селектира 20. Првата награда ја освои Бенита Стојмирова, втората – Ангела Огненова, а третата – Сашо Илковски. Најдобрите ги избра жирито во состав: Дражан Брачиќ , Мери Бошковска и Ивона Кочов.

– Им благодарам на сите кои помогнаа во овој метеж од убави нешта да се случи и оваа наша изложба. Ги има многу но мислам дека и без да ги спомнам по име во душата си знаат кои се. Ви благодарам што 11 години стоите до нас и ни помагате во создавањето на нешто убаво. Отворен конкурс е, може да учествува кој сака, нема ограничување во однос на опремата што се користи, важно е да се запази темата. Конкурсот беше отворен еден месец – истакна Диоген Хаџи-Коста Милевски, еден од организаторите на изложбата од Центарот за европски развој и интеграција од Битола. Изложбата е своевидна дигитална ризница за Битола.

фотографии: The Spacely

Сподели