Кинематограферот на филмот „Џокер“ од 2019 година во режија на Тод Филипс, Лоренс Шер е еден од врвните гости на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола. Заедно со неколку свои колеги тој вчера сподели свои искуства од снимање на филмови, а ја промовираше и платформата Шотдек, каде можат да се најдат фотографии и видеоматеријали од илјадници филмови.
Шер беше номиниран за „Оскар“, како и за наградата БАФТА за најдобра кинемарографија за „Џокер“, каде главниот лик го толкуваше Хоакин Феникс. На едно патување во Париз додека бил ученик, Шер за прв пат ја развил љубовта кон фотографијата, откако неговиот татко го убедил да земе камера од 35 милиметри на патувањето.
Откако завршил курс за филмска историја, тој веднаш развил интерес за киното. По завршувањето на колеџот, пак, се преселил во Лос Анџелес и веднаш почнал да работи како гафер на снимање на видео и асистент на реклами, пред да дојде до фазата да работи како кинематографер.
-Шотдек (Shotdeck) e буквално славење на филмовите. Овде ќе најдете фотографии и видеоматеријали од илјадници филмови. Можете да одберете кој било. Овде можете да најдете слики и видеа кои ќе ви послужат и само за инспирација – истакна Шер.

Пред присутните во публиката, кинематограферот на легендарниот „Џокер“, но и на „Гарден стејт“ и на „Диктаторот“, ја презентираше платформата „Шотдек“, чиј основач е самиот. Тоа е најголемата светска база на податоци за кинематографски слики, основана во 2014 година и е направена од филмски работници за филмски работници. Иако првично имала за цел да понуди пребарување и категоризација на омилените снимки, еволуирала во неверојатен ресурс што ја слави кинематографската уметност и уметниците кои ја создаваат.
-Сите папки што ги имав на десктоп од 2015 година, сега се на „Шотдек“. Ова е славење на филмовите. Еве на пример, овде во секоја сцена има експлозија. Ова се прекрасни фотографии од процесот на правење филм. Можете да пребарате и снимки, рече Шер, презентирајќи материјали кои ги има на платформата.
Заедно со неговите колеги Анастас Мичос, Шејмус Мекгарви и Ула Понтикос, споделија искуства од различни филмски сетови на кои работеле. Зборуваа и за интересни локации на кои снимале филмски сцени. Меѓудругото, кинематограферите зборуваа и за „грешките“ кои ги правеле во минатото на филмски сетови.
-Еднаш на еден сет, додека се снимаше „Гарден стејт“, заборавив да ја вклучам камерата, кажа Лоренс.
Тој на публиката ѝ покажа сцена од филмот „Пол“.
-Ова е сетап на тој филм. Имате пустина, автопат, ноќ, два автомобили се бркаат. Бркањето трае долго. Се случува сообраќајка, по што вонземјанец излегува од темницата. Кога снимавме, беше петок навечер. Наместивме 11 камери, зборуваше Лоренс.
Она што за публиката беше интересно да се чуе и види, е искуството од снимањето на „Џокер“, па директорот на фотографија, Шер, даде опис за една од последните сцени од филмот.
– Џокер се вози во полициско возило, а на страна од патот има оган. Се мислевме дали да го направиме ова на сцена или во живо на улица, па решивме сепак да снимаме на улица. Снимањето на оваа сцена траеше два дена. Од моментот кога во кадар е полициското возило, до моментот кога камион удира во неа, поминаа вкупно три дена. Го скршивме автомобилот два пати, рече Лоренс.
Неговата колешка Понтикос, пак, зборуваше за снимањето на филмот „Russian Doll“, поточно за една од сцените, снимена во вода.
-Оваа локација е во Будимпешта. Ова се извори на вода и овде не може да се оди. После натегања дали може да се снима таму или не, на крајот сепак се снимаше. Водата беше многу ладна, актерот стоеше таму цел ден. Кога започнавме да го снимаме овој филм, беше прогласена пандемијата. Сценариото не беше довршено, сите бeа исплашени, на „Зум“ се договаравме, а платформата Шотдек многу ни помогна во снимањето на овој филм, рече Понтикос.
На прашање од публиката, дали има некакви трикови кога нема многу пари за квалитетен филм, односно, кога нема доволно ресурси, Лоренс кажа дека и кога има милион долари за филм и кога има 100.000 долари, сепак се снима.
-И во двата случаи се прави филм, независно од буџетот. И во двата случаи има филмска екипа зад камерите и филмот се прави, додаде тој.





