Во „Домаќинство за почетници“ успеавме да изградиме атмосфера од нула, во една просторија во која немаше никакви интервенции, без стилизации. Најважниот дел од овој филм е универзалната хуманост. Тое е инстинктивно, да се поврземе меѓу себе. Ова е моја емотивна биографија – рече режисерот Горан Столевски, по премиерата на неговиот последен филм, синоќа на отворањето на 44. фестивал „Браќа Манаки“ во Битола. Позитивни зборови, восхит и пофалби беа дел од прес-конференцијата во Офицерскиот дом. Столевски објасни како ги избрал одличните актери во филмот. Продуцент на филмот е Марија Димитрова од „Лист продукција“, а директор на фотографија е Наум Доксевски.

– Кога ги избирам моите соработници, прво сакам да ги почувствувам луѓето какви се, да видам дали се добра личност. Со Марија веќе имавме работено на краток филм. Сакавме филмот да биде спонтан, сите требаше да се чувствуваат слободно, а Наум непречено си ја работеше својата работа, да не ја нарушува нивната хармонија. Не може да постои магија пред камерата, ако ја нема зад камерата. Анамарија Маринка и Алина Шербан се прекрасни актерки од Романија и лесно научија македонски јазик, Алина дури и со ромски дијалект. Знаев дека таа хемија ќе постои. За мене филмот го споредувам со поезијата, а телевизиската продукција и сериите – како проза. За мене ликвоите не треба да откриваат се’ од самиот почеток – рече Столевски.
Тој додаде:
– Гледајќи го филмот неколку месеци откако го снимивме, препознавам членови од моето семејство во ликовите од филмот. Ја видов тетка ми, па потоа братучетка ми. Кога живеев во Австралија, се чувствував поразлично од другите таму. Актерите од Шуто Оризари со кои соработував во филмот веројатно се чувствувале поразлично тука, но сепак оваа поврзност не е планирана, туку е одраз на мој инстинкт. И сега ми доаѓаат солзи кога ќе помислам на деновите на снимањето.
Доксевски истакна дека во филмот избрале натурален пристап во снимањето на филмот и со камерата сакавме да ја зграпчиме таа емоција. Беше исцрпувачки, динамично и брзо. Секој автор има свој начин на работа и како го толкува сценариото, за мене е клучно какво чувство ќе добијам кога ќе го прочитам сценариоот првиот пат, истакна тој.
Продуцентката Марија Димитрова истакна дека било голем предизвик да се склопи финансиската конструкција со сите копродуценти и фондови, но дека е многу задоволна од финалниот производ.
– Се боревме да ги добиеме најдобрите можни автори. Мислам дека завршивме одлична работа. Филмот во наредниот период ќе учествува на фестивалите во Пусан, Лондон… – вели Димитрова.
Кинематограферот Најџел Волтерс, истакна:
-16 години доаѓам на овој фестивал, ова е најдобриот филм што сум го видел, по енергија, ова е нешто најдобро што сум го видел досега.
Актерката Сара Климоска истакна дека ова и е трета соработка со Столевски.
– Тој има моќ од актерите да го извлече најинтуитивното. Тогаш глумците се најдобри, кога ќе им се дозволи да работат без ограничувања – истакна таа.
Младата актерка Миа Мустафа вели:
-Големо благодарам што ни дозолија да бидеме свои, тоа беше незаборавно искуство со тимот. Така лесно ја завршивме оваа тешка работа. За мене беше незабравно искуство.
За натурчшикот Самсон Селим, ова е прво искуство на филмско платно.
-Дадов сè од себе. Секој ден беше убав со цела екипа заедно, си поминавме убаво како фамилија.
Македонскиот кандидат за Оскар „Домаќинство за почетници“ ќе има кинопремиера во Скопје на 12 октомври во киното „Синеплекс“.

Гостин на фестивалот е и кинематограферот Јанис Фоту, кој го претставен краткиот филм „Стјуардеса-737“, во режија на Танасис Неофотистос.
– Отсекогаш сум сакал да дојдам со сопствен филм да дојдам тука. Вторпат работам со олку талентиран режисер и ме предизвикува. Танасис сакаше да снимаме кадри од по 10 минути низ улиците на Атина.Секогаш се трудам да го направам она што најдобро го знам, за да ја задоволам идејата и визујата на режисерот, а не тоа што би ми донело награда за кинематографија – рече Фоту.





