Повеќе од 350 посетители имаше на проекциите на документарни филмови во Горно Оризари, кое беше круна на активностите на 14. Патувачко кино на „Македокс“ кое се одржа од 14 до 17 септември во областа Азот, Велешко. На последната вечер Патувачкото кино премиерно го прикажа документарниот филм „Историјата на Оризари“ во продукција на Здружението на граѓани „Гласот на Оризари“. Филмот ја прикажува преселбата на Санџаклиите во селото Горно Оризари со изјави од постарите жители на селото, но и со вклучување на помладите генерации, кои зборуваат за животот во населбата. Сценариото на филмот е на Семир Алимов, монтажата на Елмин Каришиќ, а наратор е Енвер Карталовиќ. По документарниот филм беа прикажани три кратки анимирани филмови за младата публика во Горно Оризари.

Патувачкото кино на „Македокс“ годинава се одржа во Светиниколсо од 8 до 11 септември со проекции во Свети Николе, селата Горобинци, Ерџелија и Мустафино, а продолжи во Велешко од 14 до 17 септември со проекции во селата Чашка, Теово, Богомила и Горно Оризари. На проекциите во Чашка и Богомила имаше по 50-ина гледачи кои имаа можност да проследат проекции на анимирани и кратки документарни филмови од програмата на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“.

Горан Таневски
Филмската проекција во селото Теово на 15 септември беше реализирана во два сегменти. Како новитет во програмата на Патувачкото кино во првиот сегмент беа промовирани осум видеоспотови направени на песни од музичкиот албум „Вознесено“ (Ascend) на бардот на македонската и екс-Ју музичката сцена Горан Таневски, поранешен вокал на култната група „Мизар“. На проекцијата беа присутни мештани од селото, но имаше и публика од Скопје дојдена на промоцијата на албумот.

Тони Димков
– Со истата возбуда со која ги следите проекциите на Патувачкото кино имаме уникатна можност да ги проследиме и видеоостварувањата за песните на Горан Таневски, чиј длабок вокал остави силни траги во македонската музичка историја. Со албумот „Вознесено“ тој испраќа порака дека секој уметник и секој човек треба да настојува секогаш да се издигнува себеси барем едно ниво повеќе од тоа што е и на тој начин да го даде својот креативен придонес на светот и на векот – рече новинарот Тони Димков на промоцијата во Теово.
Во музички стил, во вториот сегмент на проекцијата во Теово беше прикажан креативниот документарен филм „Мојот превртен свет“ на режисерката Петра Селишкар и кинематограферот Бранд Ферро во продукција на „Петра Пан Филм Продукција“ (Словенија), ППФП (Македонија) и „Рестарт“ (Хрватска).

Исклучително успешна мисија оствари 14. Патувачко кино на „Македокс“ оваа година. На проекциите беа присутни над 900 посетители во осумте населени места во двата реони, а како преднастан имаше проекција и покрај реката Бабуна во близина на селото Црквино во рамките на манифестацијата „Средби на Родот“. Од оваа година Патувачкото кино почна и со новата програмска активност на собирање мемориска граѓа од постарите жители во посетените села.
Покрај проекцијата на креативни документарни филмови во рурални средини, организирањето на Патувачкото кино е дел од пошироката рамка на децентрализација на културата низ целата држава. Реализацијата на Патувачкото кино е поддржана од Агенцијата за филм и од „Македокс“.
Фото: Сашо Алушевски





