Пишува: Трајче Кацаров
Не можам, а да не се сетам на годините кога во народните театри ширум нашата „страдалница“ се изготвуваа стратегии како да се спасат режисери, сценографи, сметководители, книговодителите и сл. од престанувањето на работниот однос. Беа прогласени за суфицитарен кадар или поблаго речено, за кадар кој може до средствата за живот да дотурка преку приватна пракса. Некои театри ги преквалификуваа режисерите во драматурзи, па останаа под државна синакура. Останаа како миленичиња на државата.
Но, тие не заборавија дека се кадарни и за приватна пракса. Во матичните театри примаа плата како драматурзи, а во другите , исто така корисници на средствата од Министерството за култура, хонорари како режисери. Оди пак најди им го крајот. И им го најде партијата која дојде на власт пред десетина години. Истата почна сериозно да се занимава со унапредување на сценската уметност. Една од мерките беше конкурсот за прием на режисери и сценографи во театрите кои повеќе не беа народни, туку само дејност во националните установи за култура. Претставниците на наведените реалитети се вратија на голема врата. Од суфицитарни кадри прераснаа во дефицитарни. Во секоја национална културна установа почнаа да се вработуваат, без посебни услови, по двајца-тројца режисери (ќе ми простете, немам информации за сценографите) и по тројца-четворица драматурзи. Драмската дејност доби агенс каков што е потребен за долги, непрегледни патишта. Станаа повторно корисници на државна синакура. Со таквата постапка, партијата на власт мислеше дека го решила проблемот со обесправените, не правно оквалификуваните.
Мислеше, ама не измисли како што треба, зашто вработените режисери не заборавија дека се кадарни за приватна пракса. Од обесправени, станаа екстра привилигирани. На сметка на другите вработени во сценската уметност, почнаа, народски речено, да цицаат по два пати од иста мајка. Се навраќаат на државната каса, еднаш како вработени во установите и втор пат како уметници на слободна пракса. Театрите повторно останаа без режисери. Односно, вработените режисери во своите матични куќи почнаа да глумат лица со творечки стерилитет, а надвор од нив, екстра креативци, т.е. стручњаци со програми под мишките. Програми кои носат апогеј за секој театар. А, државната каса во која ги пуштаат рацете како грабливци, наместо да заштеди преку програмата за вработување на режисерите, неумесно и неодговорно, почна да се празни. Но, не трпи штета само државната каса, туку и театарската уметност.
Помалите театри, или театрите во внатрешноста изложени се на уцени од страна на „режисерите трговци“. Бараат високи хонорари за проекти кои се финансирани од Министерството за култура, без да гарантираат дека вредноста на проектот, претставата, ќе ја потврдат со учество на фестивали и со многу репризи.
Каде е крајот на ваквиот галиматијас? Според мене, во аудицијата и реаудицијата што ќе треба да се организира на секои три години.
Оние кои за време од три години во својата матична куќа не ќе остварат забележителни резултати, не ќе можат да потпишат нов договор за работа.
Ставовите на колумнистите се лични и редакцијата на Умно.мк не секогаш се согласува со нив.





