Премиера на комедијата „Te dua, жими мене“ на Марјан Гавриловски со плејада актери

Нискобуџетната комедија „Te dua, жими мене“ во режија на Марјан Гавриловски, а по сценарио на Никола Кузелов, ќе ја има својата премиера вечерва во 20 часот во киното „Синеплекс“. Филмот што е сниман во 2019 година сега ќе ја доживее средбата со публиката. Импресивна актерска екипа е собрана во филмот, за кој режисерот Гавриловски вели дека не требало многу да ги убедуваат актерите за да прифатат да се дел од проектот.

Играат: Атанас Атанасовски, Никола Кузелов, Сенко Велинов, Тони Михајловски, Игор Џамбазов, Ангела Стојановска, Валентин Видовиќ, Исмаил Касуми, Мирсад Ибази, Мими Таневска, Владо Јовановски, Фирдаус Неби, Елдин Широки, Надица Петрова, Руиш Беговска и Талија Настова.

– Во 2018 година ја добив идејата. Бев на постдипломски по сценарио во Охрид, на академијата што пропадна, јас Валентин и уште еден пријател и зимно време, досадно во Охрид седевме во станот. Некој рече ај ќе одиме во Албанија, не ни излеговме од станот…и почнавме да си правиме филмови и знаев дека од тоа требаше да се сними филм. Сценариото година дена беше во мене, па после на табла ставив ливчиња.. за албанските реплики главев малку повеќе, но се консултирав со колеги – вели актерот и сценарист Никола Кузелов.

Филмот е снимен за месец дена, што е голем успех.

-Постпродукцијата на звукот ја правеше Вали, музиката, хармониките ги снимавме во „Алшар“, се правевме по познанство, другар, братучед… Не сакав да кратам многу и се држев до чувството што го имав кога го снимав филмот. На фестивалот во Албанија на публиката и беше многу забавно и го споредуваа со Емир Кустурица. Бев во земја потонат. Им беше забавен и не веруваа дека е без пари снимен – вели Гавриловски.

Филмот есенва ќе биде прикажан и низ Македонија.

Сподели