Промоција на турскиот превод на „Неверство“ на Дејан Трајкоски во Истанбул

Турското издание на романот „Неверство“ на писателот Дејан Трајкоски ќе биде промовирано вечерва во Културно-информавниот центар во Истанбул. Настанот е насловен „Љубов во дваесеттиот век”, а се одржува во рамките на еден од најзначајните литературни фестивали во Турција, ИТЕФ. Модератор на промоцијата ќе биде издавачот Алпарслан Демир. Издавачката куќа „Куту” е турски издавач и на романи од Миљенко Јерговиќ, Горан Војновиќ и други.

Романот „Неверство“ во 2015 година беше финалист за годишната награда за прозна книга „Стале Попов”, што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија. Влезе и во потесниот избор за наградата „Роман на годината“. Книгата е преведена и објавена во САД и Ирска, Германија, Србија, Ерменија, Албанија, Бугарија и на арапски во Египет.

Трајкоски е сопственик и уредник во издавачката куќа „Прозарт медиа“ и основач и организатор на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан”.
Автор е и на романот „Вистина. Љубов (Рашомонијада)“ (2012) и на поетската книга „Филмски песни“ (2022), која беше селектирана во потесниот избор од пет книги за наградата „Браќа Миладиновци“ која што ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“.

Дејан Трајкоски работел како новинар, селектор на филмски фестивали, уредник, издавач… Бил член на Меѓународната федерација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Македонскиот П.Е.Н центар.

Сподели