Симон Шемов ќе го изложи својот „Мултиверзум“ во Даут-пашиниот амам

Шемов ќе изложи нова визуелна сензација која ја создавал во изминатите десет годино. Во оваа богата уметничка продукција, покрај „новиот“ емпиризам, таа го носи и бремето на минатогодишното искуство подолго од половина век

„Мултиверзум“ е насловена големата изложба на дела од еден од најреномираните уметници во Македонија, Симон Шемов која на 27 септември ќе биде отворена во Даут-пашиниот амам во Скопје. На отворањето присутните ќе ги поздрави директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими, академик Влада Урошевиќ, македонски поет и годинашниот лауреат на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата. Завршната реч ќе ја има историчарката на уметност Ана Франговска, куратор на проектот.

Таа го цитира поетот и есеист Алек Дервен Хоуп: „Сето време е сега“, свесен за сложеноста што се јавува во поетската имагинација, која се храни со идеи за минатото и иднината од гледна точка на недостижното сега.

– Парадокс е вечноста. Вечноста не е физичко место, туку ментална состојба во која се размислува за секоја секунда од историјата како да се случува токму сега. Ова важи без разлика дали некој размислува за античка филозофија токму во овој момент или замислува идна можност заснована врз интуиција во истиот момент, или дали едноставно гледа во ѕвезда чија светлина настанала во минатото, а заради временско-просторниот дискурс и патување таа е видлива за нас сега, што ги релативизира прашањата за безграничноста на просторот во универзумот, за времето, светлината… – вели Франговска.

Шемов ќе изложи нова визуелна сензација која ја создавал во изминатите десет годино. Во оваа богата уметничка продукција, покрај „новиот“ емпиризам, таа го носи и бремето на минатогодишното искуство подолго од половина век, со онтологијата и антолошкото значење на едно богато уметничко кредо.

– Најновиот творечки циклус на маестро Шемов, насловен „Мултиверзум“ се занимава главно со аспекти на космологијата и космогонијата, т. е. со проблемите на појавата и егзистирањето на космосот и универзумот, а секако, преку оваа општа феноменолошка семантика, и со посебната хуманистичка егзистенцијална природа на човекот, трагање кон посебното од општото или обратно, преку субјективното и сингуларното кон безграничното – вели Франговска.

Во најновиот опус од речиси 400 дела, Франговска издвојува четири феноменолошки аспекти, аналогни на неговите повторливи интереси низ хронологиската матрица и се провлекуваат како дискурсни нишки низ неговиот целокупен уметнички опус (од почетоците, во средината на 60-тите на минатиот век до денес).

– Станува збор за природната индоктринација со пантеизмот, сосема логично на него се надоврзува преокупираноста со прашањата за постанокот и егзистенцијата на универзумот, та оттука космологијата/космогонијата како клучни одредници ad acta, потоа аспектите на поврзаноста на уметноста и природата на игрите (т. е. вечната потреба за истражување, експериментирање и анимирање и на себе и на публиката – со одреден партиципативен директен или индиректен инпут) и семиотиката, т. е. неговата преокупација со истражување и трансформирање на симболи и архетипови – вели Франговска.

Реномираната историчарка на уметност и критичарка Соња Абаџиева вели дека предизвикот од детството на сликарството на Шемов сè уште ја надразнува неговата истражувачка мисија, која почнува од една точка со туш, а до денес љубопитно ѕирка зад оградата, зад неговите Паравани, со трајна надеж дека еден ден истражувачкиот процес ќе го доведе до одговорот за вистината на постоењето на нас самите, на сите во неограничената космогонија.

– Истрагата продолжува, не е на повидок THE END. Шемов е вљубен во живиот свет. Тука е сосредоточена неговата неизмерлива тврдоглавост да го растајни опстанокот во целиот универзум, каков, колкав и каде и да е – вели Абаџиева.

Сподели