40.000 студенти ќе добијат по 2.400 денари за студентски оброк во новата академска година

Од 1 октомври, редовните студенти на додипломски студии на државните и приватните универзитети, кои се македонски државјани, ќе добиваат по 2.400 денари месечно за субвенционирани оброци, во месеците кога се на настава.
Субвенција за студентски оброк ќе добиваат околу 40.000 студенти. За оваа намена се издвоени околу 15 милиони евра од Буџетот на Министерството. Оваа субвенција не значи дека ќе се укинат оброците во студентските домови, туку е дополнителна финансиска помош за студентот.

Од МОН известуваат дека во тек е набавка на опрема за кујните на студентски и ученичките домови, а во 2020 година заврши набавката за целосно опремување со мебел на блоковите В и Г на студентскиот дом Гоце Делчев. Во последна фаза е и изградбата на сосема нов студентски дом во Тетово. За студентските домови: Народен херој Орде Чопела – Прилеп, Кочо Рацин – Битола, Никола Карев – Охрид, Браќа Миладиновци – Штип, Томе Стефановски Сениќ – Скопје, Пелагонија -Скопје, Кузман Јосифовски Питу – Скопје и Стив Наумов – Скопје, ќе следи темелна реконструкција.

За оваа намена веќе се обезбедени 25 милиони евра, од кои 20 милиони преку Германското министерство за економска соработка и развој и 5 милиони евра грант преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан (REEP+) на ЕУ.

фотографија: Државен студентски центар – Скопје

Сподели