Возбудлив викенд на Стенковец: 100 години од основањето на Аероклубот „Скопје“

На Спортскиот аеродром „Стенковец“ кај Скопје во сабота ќе бидат одбележани 100 години од основањето на Аероклубот „Скопје“. Манифестацијата почнува во 9 часот, а ќе има возбудливи воздушни акробации и маневри што ѝ пркосат на гравитацијата, изложба на разни авиони од регионот, падобрански скокови и маестрално летање модели на далечинско упртавување.

Аероклубот „Скопје“ е формиран во 1923 година и до денес е посветен на развивање и популаризација на воздухопловните спортови во Македонија. Низ годините го менува името од „Наши крила“ во Аероклуб „Скопје“. Во чест на рускиот космонаут преименуван е во „Јуриј Гагарин“ и во деведесеттите години на минатиот век поворно е вратено старото име.

– Нашата мисијата е да ја подигнеме воздухопловна култура преку континуирано образование на воздухопловни спортисти, развивање и популаризација на воздухопловните спортови. Вредностите кои ги ценат нашите членови се љубов кон воздухопловството, храброст, верување во други, соработка, учтивост, страст, фер-плеј, интегритет, искреност, посветеност, грижа, почит и самопочит. Покрај овие вредности ги почитуваме и основните демократски вредности: слобода, правда, толеранција, почитување на земјата и почитување на различностите – пишува на интернет страницата на клубот.

Во рамките на клубот функционални се секциите за: Моторно летање, Едриличарство, Падобранство, Моделарство и Параглајдерство. Клубот организира обуки за падобранство, едриличарство и моторно летање. Во просек годишно се обучуваат околу 30 ученици.

Сподели