Реферат за Гоце Делчев на научниот собир „Његошеви денови“ во Будва

Универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска учествуваше на 10. издание на Меѓународниот научен собир „Његошеви денови“ што во Будва ги организираше Филолошкиот факултет во Никшиќ при Универзитетот на Црна Гора. На сесијата за наука, книжевност и култура на меѓународниот научен собир, која годинава беше посветена и на култот на водачот во словенските книжевност, Мојсова-Чепишевска го презентираше своето истражување за историскиот наспроти книжевниот Гоце Делчев, со повторно осврнување кон романите од поновата македонска продукција, „Куклите на Росица“ од Оливера Николова и „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски.

– Потребата од едно вакво книжевнонаучно осврнување се должи на тоа што Делчев изникнат од историските факти и обвиткан во естетски креации е битен за нас, Македонците. Но и заради сознанието дека книжевниот Делчев е и сѐ она што не можел да каже историскиот Гоце Делчев – рече Мојсова-Чепишевска.

Според неа, романот на Николова објавен пред 20 години кога се одбележуваа 100 години од загинувањето на Делчев и романот на Миневски, објавен годинава кога се навршуваат 120 години, придонесуваат во реализирањето на нови теми, па дури и на стари теми, преку чинот на ослободување од локалното и регионалното. Преку нив, и Делчев како книжевен лик избива над локалниот и регионалниот книжевен и културен контекст.

На меѓународниот научен собир учесници се еминентни лингвисти, книжевни научници и културолози од европските земји, а македонски истражувачи учествуваат уште од првото издание на собирот.

Сподели