Ќендрим Ријани, режисер: Театарот е највредното поле што го имаме и во него треба да инвестираме

Жално е што во нашата земја само три од театарските институции нудат оптимални услови за да постигнеме одреден спектакл според потребите на времето во кое живее публиката на новиот век – вели режисерот Ријани

Тој е еден од најпрогресивните театарски режисери на нашата сцена во последните неколку години. Ќендрим Ријани се зафаќа со важни теми, големи драмски текстови и ни пренесува пораки низ светската драматургија. Негов последен успех беше „Три сестри“ од Чехов, создаден на сцената на Албанскиот театар од Скопје.

„Три сестри“ е претстава за која се зборува. Одлучивте да ја реализирате со игра внатре во салата на Албанскиот театар, но и надвор од него. Како публиката ја доживува таа идеја?

– „Три сестри“ е едно од оние дела кое веќе со години ми беше всадено во мојата глава, поради големината на „предупредувачката“ идеја што ја носи во себе во однос со Првата светска војна, каде што беспрекорниот автор А.П. Чехов успеал, меѓу редови, да го изгради и развие на многу хуман начин животот длабоко во самите ликови на делото. Секогаш ме интересираше: „Што после пожарот?“ Таму каде што всушност почнуваат да се појавуваат техничките тешкотии, но и тешкотиите на режисерот за изнаоѓање решение условно речено да ја „експлодира“ претставата, сè со цел истата да не премине во монотонија. Можеби ова е и причината што во повеќето од случаите, режисерите избираат да ја завршат претставата токму во моментот кога ќе избие пожарот!?

Можноста што ја има Албанскиот театар – Скопје преку инфраструктурата со уникатниот екстериер опкружен со ѕидови за мене беше одлична прилика да ја изградам идејата „Што после пожарот?“ за да го „изгорам“ во целост поголемиот дел од еден голем провинциски град.

Секако делото околу два часа се развива внатре – на сцена, потоа публиката се „евакуира“ излегувајќи надвор за да ги почувствува последните 30 минути на претставата. Една од посебностите на претставата е и вградувањето во самиот концепт и т.н стил one-take, кој впрочем му припаѓа на филмот како посебен медиум, но во случајот, ние се обидовме, или поточно речено, си дозволивме самите себеси да се предизвикуваме истото да го спроведеме и во театарот и мислам дека успеавме.

Сцена од „Трите сестри“

Вклучувањето на публиката во претставата станувајќи активен дел на самиот настан во текот на евакуацијата, а и потоа овозможувајќи доволен мизансценски простор за да може да следи сè што се случува, верувам дека придонесува публиката да биде дел од емоционалното дејствие на претставата. Генерално впечатоците и реакциите беа во суперлатив. Но, сепак целта беше емоционалната реакција на моќта на идејата на авторот со што впрочем и се соочува публиката во тоа дело.

Работите на повеќе сцени низ Македонија. Албанскиот театар во последните години ја има таа привилегија да има технички подобри услови за да реализира и покомплексни претстави, за разлика од повеќето театри низ земјава, кои имаат застарена техника. Им создава ли тоа проблеми на режисерите при создавањето на претставите, ве става ли пред компромиси?

– Во нашата театарска реалност сè почесто можете да го слушнете поимот „сиромашен театар“ – театарски дух кој во неговиот епицентар ја носи „содржината“- „внатрешното дејство“ или театарски концепт кој како поим го употребувал Ј. Гротовски. Ние кои се занимаваме со театар понекогаш се потпираме токму во овој тип на театар, како последица на зачнувањето на идејата на претставата што ја градиме, и кога таа навистина содржи во себе и своевидна суштина, тогаш сметам дека е идеална.

Често се потпираме на овој вид театар како последица на недостиг на услови – финансиски, инфраструктурни, што е многу болно истовремено и тажно. Понекогаш пак се потпираме како последица на недостаток на способност да се унапредуваме во рамките на потребите што ги бара времето во кое живееме, што впрочем е трагично!

Во нашата земја нема многу театри кои може да нудат услови што можат да се носат со времето во кое живееме. Често, од аспект на формата, тоа прави ние и да се повторуваме и да се обидуваме преку содржината да бидеме иновативни и да не личиме на себе или пак на другите.

Жално е што во Македонија само три од театарските институции нудат оптимални услови за да постигнеме одреден спектакл според потребите на времето во кое живее публиката. Следбеникот на вештачката интелигенција има потреба ние да се оспособиме сè со цел нему да му понудиме театар во кој тој ќе чувствува, доживува и внимателно ќе следи што би било изненадување за него. Несомнено е дека живата уметност може да го надживее времето, без разлика на околностите, како што се докажува во случајот со театрите што се скромни и со минимални услови успеваат да реализираат прекрасни дела, се разбира, со нивниот херојски труд. Но, тоа што навистина ни е потребно е животот со денешното време, напорите преку театарот да се изгради интелектуалецот на иднината, а не преживувањето во денешното време заедно со хероите на минатото.

За жал, „Три сестри“, иако селектирана, не можеше да се изведе во Прилеп на МТФ „Војдан Чернодрински“, токму од технички причини. Колку е важно според Вас театрите во Македонија да имаат приближно исти технички можности, токму и заради вакви ситуации, да може поедноставно да се гостува и на другите сцени, а особено кога станува збор за фестивали?

– Да! Беше навистина жално што „Три сестри“ оваа година не беше дел од театарскиот фестивал поради технички причини, исто како што беше жално и отсуството на Македонскиот народен театар на фестивал исто така од технички причини. За мене лично, учеството лани со претставата „Артуро Уи“ во продукција на Народниот театар – Битола, беше триумфален чин, а отсуството годинава од тој фестивал за мене беше еден вид душевно кршење.
Овој фестивал се смета како еден од најважните како од историска гледна точка, така и од страна на квалитетот, што е навистина голема среќа! Но фактот што градот организатор е сè уште без сериозен театарски објект, треба да нè натера сите посериозно да размислуваме.

Ние и тие треба да знаеме дека драмската уметност е највредното поле во споредба со другите области каде што се инвестира многу повеќе. Само споредете ги областите како: иновациите, здравството, правото, образованието, самите ќе констатирате дека најголемата наша вредност која успева да се извезува на Балканот и пошироко е токму производот од нашите театарски сцени. Разнобојноста и културните различности што ги нуди оваа земја во својата уметност претставува голем интерес за другите земји кои нè познаваат и сакаат како што и ние сакаме да нè запознаваат уште повеќе.
Театрите и нашите уметници без никакво чувство на инфериорност отсекогаш нè претставувале надвор од границите и се враќале во земјата како победници и добитници на многу награди.

„Жени во собрание“ е ваша хит претстава во Театар Комедија. Селектиравте прекрасни актерки, секоја различна, а сите заедно во одлична синергија. Беше ли тешка работата на ова дело, колку во самото поставување ви помогнаа и актерките?

– На почеток изгледаше малку како опасна идеjа за да се пренесе на сцена пораката на „Жените на Аристофан“, но не преку толкувањето на тие ликови со зборовите што им ги наметнал авторот од античкото време. На почеток ние го „уништивме“ делото на Аристофан за после тоа истото повторно да го изградиме и развиеме. На овој начин актерките успеа да оживеат стари ликови колку што постои и жената во овој свет, но истовремено толку нови колку и актуелните проблеми во времето во кое живееме. Воопшто не беше лесен процесот на создавање претставата, затоа што на почетокот на читачките пробами имавме само ситуации. Со големиот придонес на актерките и драматургот на претставата,  успеавме да ја постигнеме целта. Покрај еден таков пристап „првин рушење (уништување) – потоа градење“, благодарение на довербата и посветеноста на актерките, верувам дека успеавме да реализираме комедија со поинаква естетска структура и истовремено различна и невообичаена за тој театар.

Сте работеле на многу претстави и во Албанија. Се работи ли различно таму и кај нас? Дали пристапот кон театарската уметност и нејзината поддршка е подобар токму во Албанија?

– Балканот е со толку сличности, колку и со различности што ги споделуваат луѓето меѓу себе. Начинот (пристапот) на работата секогаш се менува, онака како што се разликуваат театрите во едно исто место, а не пак во различите држави. Секогаш многу зависи од школата од каде што доаѓаат (потекнуваат) актерите, нивниот стил на работа, како и нивното искуство со други режисери. Но, сепак, суштината или коренот останува ист – непроменлив. Колку повеќе се одалечуваме од Станиславски, инспирирајќи се од новите херои на театарската естетика, всушност ние сè повеќе се доближуваме – тоа се случува од едноставна причина што вистинскиот живот кој е огледало во кој се гледа себеси самиот театар и се инспистира, во суштина тој „живот“ останува ист.
Се менува само формата на тоа што се нарекува „метода на работата“. Не можам да правам разлика, можеби можам да кажам дека односот на публиката со театарот е понадежен во Албанија.

Работите и со студенти на Универзитетот за уметности во Тирана. Има ли интерес за изучување актерска игра?

– Кризата за студентите во театарската уметност е речиси глобална, особено на Балканот и тоа на речиси сите факултети за драмски уметности каде што се забележува одреден пад и недостиг на студенти. Драматургијата, театарската режија, актерската игра, театрологијата, сценографијата, костимографијата, секој ден и сè повеќе ги губат младите што сонуваат за тие професии. Оваа појава можеби се случува затоа што театарската уметност продолжува да биде и да се смета како идеалистичка уметност или професија, додека пак идеалистот секојдневно и сè повеќе го голта глобалниот капитализам.

Што следува по „Три сестри“? Дали имате некој нов проект?

– Минатата година имав мошне напорен период на работа… периодот на пандемијата ми овозможи доволно време за подготовка. Оваа година се чувствував некако неспремен, онака на начин како треба да бидееден режисер за да започне со процес на градење на претстава. Затоа одлучив да не конкурирам со ниту еден проект. Времето поминато во овој период си го посветив себеси како можност за подготовка за проектите по кои мечтаем… проектите од моите соништа за кои секој ден се инспирирам за да ги реализирам.

Сподели