Второто издание на Скаут меѓународниот фестивал на подводен филм ќе се одржи од денеска до недела во Извидничкиот центар „Скаут“ во Струга. Фестивалот го организираат неколкумина ентузијасти, вљубеници во нуркањето и во подводниот свет. Ќе бидат прикажани филмови од цел свет и од дела изработени од нуркачи од Македонија. Фестивалот има ревијален карактер и прикажува филмови изработени од аматери и професионални сниматели на подводниот свет.
– Намерата ни е фестивалот да добие натпреварувачки карактер, како и поголемиот дел од светските фестивали од ваков тип. Со Скаут меѓународниот фестивал на подводен филм ја славиме уметноста на подводното снимање и прикажувањето на сета убавина која ја кријат водите. Како нуркачи ја имаме честа да го „живееме“ овој свет, да ја доживуваме сета негова убавина, а преку филмовите кои ги изработуваме, сакаме овој свет да го доближиме до пошироката публика. Една од намерите ни е подводните убавини кои ги имаме во Македонија да ги претставиме на меѓународната заедница и во иднина да имаме што повеќе гости кои ќе сакаат да ја истражуваат уникатноста на нашите езера, реки и подводни пештери – вели Јасмина Антиќ, директорка на фестивалот.
Отрворањето е со филмот We (Ние) на канадската продуцентка и инструкторка во нуркање Џули Уимет. Филмот е краток приказ на нуркачите, работите кои тие ги сакаат, истражуваат и во кои уживаат – природата, подводниот свет, истражувањата и често, екстремните работи.
– Тоа не’ прави поинакви. Како што таа вели во филмот: „Ние сме нуркачи, ние сме патници, ние влегуваме во вонземјански светови, ние сме истражувачи, ние ја допираме историјата, ние одиме до екстреми“ – велат организаторите.
Отворањето на фестивалот е денеска, а во утринските часови ќе биде спроведена акција на подводно чистење на Охридското Езеро во потегот на струшките села. Филмски проекции ќе има денеска и утре. Тематски филмовите ќе опфатат: флора и фауна (подводен свет), спелео нуркање (подводни пештери), планинско нуркање (планински езера), подводни археолошки наоѓалишта, истражувачки нуркања (потонати бродови, авиони и сл.) филмови кои се однесуваат на зачувување на подводниот свет и подигнување на еколошката свест кај луѓето за зачувување на водите. Фестивалот е од отворен тип и поканета е целата публика.





