„Митската авантура: Скопските шумски суштества и како да ги пронајдеш“ e интерактивна социјална едукативна активност што ќе се одржи в недела со почеток во 11 часот во Градскиот парк во Скопје. На бесплатната работилница може да се пријават деца на возраст од 10 до 14 години, а групата е ограничена на 15-мина, затоа е потребно пријавување на следниот линк.
Настанот ги обединува авантуристичките игри и решавањето мистерии, а е убав начин како децата да дознаат повеќе за традиционалната македонска митологија, обичаи и верувања.
Учесниците ќе добијат специјална рачно изработена „Митска мапа“ која интерактивно ќе биде проследена со „Магичен прирачник“, неколку сетови на специјално дизајнирани карти, токени, тајни насоки, загатки, кодови и предизвици. Нивна задача ќе биде да ги поврзат сите овие детали како сложувалка, во една логичка целина со цел да откријат како всушност почнува создавањето на волшебните приказни.
Креатор и домаќин на оваа невообичаена авантура ќе биде археологот м-р Василка Димитровска, консултант, сертифициран интерпретатор на наследство, креативен директор на ХАЕМУС и основач на програмите „Млад истражувач“ и „Storytelling Skopje“.
Настанот е поддржан од Europe House Skopje и е по повод претстојните „Европски денови на наследството 2023“ чијашто тема е „Живото наследство“.