„Солидарност и поддршка во ерата по социјалната држава“ е насловот на меѓународната конференција кија на 14 и 15 септември ќе се одржи на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Гости предавачи на конференцијата се д-р Катерина Розаку, вонреден професор на Универзитетот Пантеион во Атина и д-р Јелена Васиљевиќ, виш научен соработник на Институтот за филозофија и општествена теорија на Белградскиот универзитет. На конференцијата ќе учествуваат повеќе од 30 истражувачи во сферата на општествените науки од регионот и пошироко. Дополнително, Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ ќе одржи интердисциплинарна презентација за Скопје – градот на солидарноста. Конференцијата на организираат Центарот за етнолошки истражувања и применета антропологија во соработка со Институтот за етнологија и антропологија.
– Во јули 2023 година беше одбележана 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, настан кој поттикна глобално движење и го започна процесот на именување на Скопје во „град на солидарноста“. Поимот солидарност повикува замисла за општество втемелено во вредностите на взаемна посветеност и емпатија кон другите. Како социјална практика, солидарноста се манифестира во кризни ситуации – пандемии, земјотреси, воени конфликти, миграции и раселувања поради климатски и еколошки промени. Солидарност е исто така концепт кој се однесува на фундаменталните општествени односи во секојдневниот живот, засновани врз взаемност, споделување и реципроцитет. Секогаш кога зборуваме за солидарноста се занимаваме истовремено со описното и со нормативното значење“ – велат организаторите.
Во рамките на конференцијата, авторите учесници критички ќе ги испитаат поимањата за солидарност преку изрази на заеднички вредности и взаемна поддршка, како и формите на несолидарност или маргините на солидарност во контекст на ерата по социјалната држава.
Конференцијата е отворена за сите заинтересирани лица, без претходна регистрација, а ќе се одвива на македонски и англиски јазик.








