Детали за мозаикот, за објектот каде е пронајден, историските околности во времето кога бил направен ни дава м-р Димитар Николовски, археолог во Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби
Животот во Стоби во 4 век во новата ера бил исполнет со многу важни настани. Векот почнал со катастрофален земјотрес, римскиот император Константин Велики направил цивилизациски пресврт со изедначувањето на христијанството со другите религии, градот станал епископско седиште пред 325 година. Императорот Теодосиј Први го посетил Стоби во 388 година, носејќи во Стоби два едикта, се случиле ерозии, неколку излевања на Еригон (Црна Река) кои влијаеле врз транзицијата на Стоби од значаен град со скапи и луксузно декорирани јавни градби во доцноантички град со намалена површина, исполнет со христијански цркви и мноштво на луксузни резиденцијални објекти. Во еден период во овие интересни времиња во една од луксузните куќи во Стоби бил создаден и мозаикот со претстава на богот Дионис кој со десната рака истура вино од кантарос, а во левата го држи карактеристичниот скиптар наречен тирс.
Димитар Николовски
Археолозите на античкиот град Стоби кај Градско минатиот месец го открија новиот мозаик. Детали за мозаикот, за објектот каде е пронајден, историските околности во времето кога бил направен ни дава м-р Димитар Николовски, археолог во Националната установа Стоби, раководител на истражувањата на Резиденцијален и комерцијален кварт на рановизантиско Стоби. Неговите научни интереси се римско и доцноантичко стакло, римски погребни обичаи и некрополи, римска и доцноримска материјална култура, доцноантички урбанизам. Тој е раководител на археолошките истражувања и заменик координатор на проектот за конзервација на Теодосијанската палата во Стоби финансиран од фондот „Ј.М. Каплан“ од САД.
Со екипата неодамна откривте нов мозаик во најрепрезентативниот резиденцијален објект во античкиот град Стоби. На кој дел од објектот излезе, за каков тип мозаик се работи, во кој период го датиравте?
– Годинешните археолошки истражувања на Теодосијанската палата се заштитни по својот вид, изведени во служба на конзерваторскиот проект за ѕидовите на објектот. Проектот е комплетно финансиран од Фондот „Ј.М. Каплан“ од САД, трае три години и во моментот сме во втората година од реализацијата. Од страна на НУ Стоби со проектот координира д-р Силвана Блажевска.
Теодосијанската палата е скоро целосно откриена одамна, меѓу 1927 и 1929 година, па нашите истражувањата беа мали по обем и главно насочени кон подготовка на ѕидовите за конзерваторски зафати, дефинирање на јужниот влез во објектот, чистење од вегетација и натрупана земја од истражувањата пред скоро еден век.
Фото: Архива на НУ Стоби
Мозаикот го откривме во една од просториите до јужниот коридор на отворениот двор на куќата. Тој е од исклучителна важност поради тоа што е прва фигурална претстава на мозаичен под во Стоби изведена со многу ситни камчиња. На него во централно поле (emblema) претставен е богот Дионис во седечка положба. Со својата десна рака истура вино од кантарос, а во левата го држи карактеристичниот скиптар наречен тирс (thyrsus). Централното поле е изведено со многу ситни камчиња и е ограничено со бордура, додека останатиот дел од мозаикот е изведен со поголеми камчиња и прикажуваат други атрибути поврзани со Дионис – чаши, кантароси итн. На едниот кантарос, поставен странично на централното поле, кој за жал не е целосно сочуван, е пронајден натпис ΠΙΕ ΖΗCΑΙC (ΠΙΕ ΖΗΣΑΙΣ) – ПИЈ И ЖИВЕЈ. Во делот околу централното поле има и геометриски мотиви, а некои од нив досега не се забележани на мозаиците во Стоби.
Мозаикот е уништен со изградба на ѕидови на јужната и источната страна, и со вкопување на големи складишни садови – питоси кои припаѓале на некое од погорните подни нивоа. Прелиминарното датирање на мозаикот е во 4 век од новата ера, но потребно е повеќе време за стилска анализа и обработка на останатите движни наоди за да се донесе поконкретен заклучок.
Станува збор за исклучително интересен објект. Какви пошироки сознанија ви откриваат мозаикот и новите податоци?
– Археолошки истражувања на овој дел од Стоби за прв пат се изведени во три сезони помеѓу 1927 и 1929 година. Биле спроведен од Историско-уметничкиот музеј во Белград, а со нив раководел Владимир Петковиќ. Во 1927 година западните простории, отворениот двор и атриумот на палатата биле истражени, откривајќи го северниот дел на објектот. По завршувањето на првата сезона на истражувања, се сметало дека станува збор за бања. Во последните денови на истражувањата во 1927 година откриени се неколку скулптури во отворениот двор, укажувајќи на важноста и грандиозноста на објектот, што претставува и главна причина за продолжување на истражувањата на овој простор. Во 1928 година е доистражен најголем дел од отворениот двор, а откриен е и најголемиот дел од архитектонската камена пластика и скулптурите. Во 1929 година доистражен е остатокот од објектот: четирите простории на запад, западниот коридор од отворениот двор и триклиниумот.
Панорама на Стоби / Фото: Архива на НУ Стоби
Во 1930 година, по откупувањето на земјата кон југ и југоисток, вршени се истражувања на Куќата на Партениј која формира органска целина заедно со Теодосијанската палата, иако станува збор за две засебни куќи кои според архитектонските остатоци на долниот спрат не комуницираат помеѓу себе. Богдан Несторовиќ поставил теорија дека двата објекта биле поврзани на нивните горни катови, но немаме никаква археолошка потврда за оваа теорија.
Градбата го добила името Палата или Палата на Партениј по откривањето на бронзениот печат во 1930-тите. Од 1970 година, поголемиот резиденцијален дел се нарекува Теодосијанска палата, назив кој за прв пат го дал Џејмс Вајсман во неговиот „Водич за Стоби“, имајќи ја предвид посетата на императорот Теодосиј I на Стоби во 388 година од нашата ера, кој веројатно престојувал во најпрестижната резиденција во градот. Досегашните сознанија за луксузното ремоделирање на објектот се дека тоа се случило во 5 век. Градежната фаза, пак, на објектот од 4 век, кога Теодосиј го посетил Стоби, не се издвојувала по својата декорација од неколкуте останати резиденцијални објекти во градот. Со откривањето на мозаикот овие информации ќе претрпат измени.
Дали измени ќе претрпи и називот на објектот, со оглед на тоа што класичарите инсистираат дека точната транскрипција на „Теодосијанска палата“ е всушност „Теодосиева палата“?
– Името Теодосијанска палата се користи и во презентацијата на објектот и во стручната литература, а го дал Џејмс Вајсман за време на американско-југословенскиот проект во 1970-тите. Името е дадено за да се одвои од објектот на спротивниот агол од истиот блок кој е именуван како Куќа на Партениј и со кој нема директна внатрешна комуникација. Веројатно е потребно да се изработи студија за двата објекти која што би ги дефинирала границите и комплетно би ги разгледала опциите за комуникација помеѓу Куќата на Партениј и Теодосијанската палата. Во скоро сите научни трудови во изминатите 50 години се користи името Теодосијанска палата и веројатно би било збунувачки доколку го смениме во Теодосиева палата. Нејзината луксузна фаза, како што споменав претходно, не соодветствува со посетата на Теодосиј Први во Стоби, што најверојатно значи дека таа воопшто и не треба да го носи тоа име.
Фото: Министерство за култура
Уште колку истражувања му претстојат на објектот?
– Објектот е целосно откриен уште во истражувањата во минатиот век, но некои делови со текот на годините биле затрупани. Во 2014 и 2015 година беше отворена и последната просторија западно од триклиниумот. Таа била отворена во истражувањата во 1920-тите, но во нејзината последна фаза. Во идинина можни се истражувања само во функција на конзерваторски зафати, или проверка на постари слоеви во некои од просториите.
Палатата е сместена во близина на театарот и на Епископската базилика. Кому припаѓал овој велелепен објект? И како се живеело во Стоби кон крајот на 4 век?
– Посетата на Теодосиј Први во Стоби во 388 година е потврдена во историски извори. Се претпоставува дека бил сместен во најлуксузниот резиденцијален објект во градот, па оттука Џејмс Вајсман одлучил да ја именува Теодосијанска.
Луксузно декорираната фаза каде што се откриени бројни скулптури во нимфеумот (базенот во отворениот двор) и кога се поставени најголемиот дел од мозаиците во објектот е од 5 век.
Датирањето е направено на база на анализа на архитектурата. Откриени се статуи со претстави на пагански божества, сатири и релјефи. Интересно е што голем дел од скулптурите се од порани периоди, што значи дека сопственикот на објектот бил колекционер на уметнички дела. Интересен е и контекстот на сместувањето на најхристијанскиот император во луксузно декорирана куќа исполнета со пагански скулптури.
Фото: Министерство за култура
Животот во Стоби во 4 век бил исполнет со многу важни настани: имало катастрофален земјотрес на почетокот на векот; големата промена со едиктот на Константин кој што го изедначил христијанството со другите религии; градот станал епископско седиште пред 325 година; императорот Теодосиј Први го посетил градот во 388 година, носејќи во Стоби два едикта; ерозии; неколку изливања на реката Еригон (Црна Река) кон крајот на 4 век поплавувајќи ја комплетната долна тераса на градот итн. Сиве овие настани влијаеле врз транзицијата на Стоби од значаен провинциски римски град со скапи и луксузно декорирани јавни градби како Театарот, Градбата со арки и Храмот на Изида, кон доцноантичкиот град со намалена површина, исполнет со христијански цркви и мноштво на луксузни резиденцијални објекти.
По подолго време во Стоби е откриен нов мозаик во објект. Со оглед на тоа што „Стоби“ е единствениот археолошки локалитет во Македонија кој функционира како национална институција, како да се зголеми динамиката на истражувања?
– Колегите открија нов мозаичен под во Стоби и во 2019/20 година на просторот околу Храмот на Изида и Сарапис, обиколувајќи фонтана во квадратна просторија. Во овој случај, мозаикот содржеше геометриски мотиви и во однос на сочуваноста не беше во најдобра состојба.
Да, археолошкиот локалитет Стоби е единствен во државата, а и пошироко, кој што има засебна институција која се грижи за негово истражување, чување, конзервирање и презентирање. Моделот по кој што е формирана институцијата сметам дека треба да се употреби и на други археолошки локалитети во државата, поради тоа што резултатите кои се постигнати од формирањето на Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби се неоспорни. Кога имате тим од луѓе со ентузијазам за својата професија, спремни доследно да си ги извршуваат работните задачи и да работат на валоризација на музејските збирки и нивна научна обработка, добрите резултати полека, но сигурно се неизбежни.
Фото: Министерство за култура
Динамиката на истражувања во Стоби веројатно во моментот и не треба да се зголеми во смисла на археолошки истражувања на нов, неистражен простор. Но, сериозно треба да се зголеми динамиката на конзервација на постоечките објекти. Голем дел од веќе отворените објекти кои се конзервирани кон средината на минатиот век веќе се распаѓаат и потребна им е конзервација. Како професионалци би било погрешно да отвораме нови „проблеми“ во форма на нови објекти, се додека не се стабилизираат веќе отворените. Сепак, ние сме мала држава и степенот на финансирање на археолошките истражувања е занемарлив, посебно кога ќе направиме споредба со нашите соседи. Факторот на човечки ресурси е исто така проблематичен, затоа што голем дел од колегите кои се дипломирани археолози многу тешко се вработуваат во релевантните институции. Исто така, многу голем проблем за научното вреднување на археолошките ископувања е непостоењето на археолошки институт, по што сме исто така единствени на Балканот, а веројатно и во Европа.