Распишани конкурсите за поезија и за плакат на „100 илјади поети за промена“

Mанифестацијата „100 000 поети за промена“, во соработка со здружението „Контекст – Струмица“ распишува поетски конкурс за годинешното издание на Фестивалот. Поезијата со која ќе може да конкурираат автори од сите генерации треба да биде социјално ангажирана и да разработува теми кои се поврзани со промените, глобално, но и локално.

Секој автор може да учествува со по една песна. Песните треба да се испраќаат на Facebook профилот на оваа манифестација или на poetizapromena@gmail.com најдоцна до 20 септември, по што ќе бидат разгледани од комисијата којашто ја одредува организацискиот одбор на манифестацијата и здружението и потоа селектираните автори ќе бидат застапени во зборникот „100 Илјади поети за промена“ – Македонија, кој ќе биде издаден како дел од оваа манифестација.

Сите останати пристигнати песни ќе бидат објавени на официјалниот сајт на „100 Илјади поети за промена“. Ваков конкурс се организира веќе тринаесет година по ред – исто онолку пати колку и што се организира оваа манифестација во светот.

Mанифестацијата „100.000 поети за промена“ распишува и конкурс за дизајнерско решение на постери/плакати кои ќе бидат дел од групна изложба во рамки на фестивалот, а истите тематски можат да бидат насочени кон глобалните промени, литературата, одржливиот развој, мирот…

Дизајнерските решенија може да се испраќаат на истиот имел погоре или на фејсбук-страницата на оваа манифестација најдоцна до 25 септември, по што ќе бидат разгледани од комисијата којашто ја одредуваат организацискиот одбор на манифестацијата и здружението.

Пристигнатите дела ќе бидат изложени за време на изложбата која е дел од манифестацијата „100 Илјади поети за промена“, на 30 септември 2023 година во Струмица. Дизајнот на плакатот е на Лазе Трипков.

Сподели