Патувачкото кино на „Македокс“ во Светиниколско и во Велешко

Граѓаните на Свети Николе и Велес и нивната околина ќе гледаат документарци од 14. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ во рамките на Патувачкото кино. Од 8 до 11 септември Патувачкото кино ќе го посети Свети Николе и околината, а од 14 до 17 септември ќе гостува во Велешкиот Регион.

– Во овие 14 години успеавме да направиме мост помеѓу урбаното и локалното население во речиси 100-ина села и помали градови низ цела Македонија, овозможивме пошироката јавност да се запознае со културните слоеви на руралните средини, а истовремено успеавме таму да однесеме нови културолошки вредности. Од годинава фокусот на Патувачкото кино ќе биде ставен на прибирање мемориска граѓа од постари лица во населените места каде што ќе се одржуваат проекциите – посочува Бранд Ферро, извршен продуцент на Патувачкото кино.

Филмските проекции под отворено небо ќе се одржат во Свети Николе, на 8 септември, селата Горобинци (9 септември), Ерџелија (10 септември) и Мустафино (11 септември). Во Велешкиот Регион на 14 септември ќе има проекција во селото Чашка, на 15 септември во Теово проследена со музичка промоција, на 16 септември во Богомила и на 17 септември во селото Горно Оризари. Проекциите на сите локации почнуваат во 19.30 часот, а влезот е слободен.

После низа различни формати предизвикани од ковид-пандемија, Патувачкото кино се враќа во својот стандарден формат на реализација по завршувањето на фестивалот „МакеДокс“, кој годинава се одржа од 17 до 24 август во Скопје. Како преднастан ан Патувачко кино, на 26 август покрај реката Бабуна во близина на селото Црквино во рамките на манифестацијата „Средби на Родот“, беа прикажани два креативни документарни филмови. Вториот новитет ќе се случи пред филмската проекција во селото Теово на 15 септември, кога ќе биде промовиран музички албум на бард на македонската и екс-Ју музичката сцена.

Патувачкото кино го организира Здружението за промоција на документаристика „Македокс“ кое е во симбиоза со истоимениот фестивал. Покрај проекцијата на креативни документарни филмови во рурални средини, организирањето на Патувачкото кино е дел од пошироката рамка на децентрализација на културата низ целата држава. Реализацијата на Патувачкото кино е поддржана од Агенцијата за филм и од „Македокс“.

Сподели