Николина Андова Шопова – автор на септември во библиотеката „Браќа Миладиновци“

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје го најавува вториот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ што ќе започне на 5 септември во Паркот на поезијата (дворот на библиотеката), со средба со авторката Николина Андова Шопова. Нејзиниот роман „Естом“, во издание на „Или-Или“, е прогласен за роман на месецот септември на библиотекaта. За на крајот на месецот предвиден е и Клубот на читателите за овој роман.

Новиот циклус ќе трае до мај 2024 година, а ќе бидат претставени седум наслови на исто толку автори.

– И вториот циклус од „Читаме современи македонски автори“ ќе се одвива низ неколку фази: книга на месецот, разговор со авторот и клубот на читатели. Низ овие активности читателите одблизу се запознаваат со современите македонски писатели и нивните дела. За поголема видливост и промоција – кампањата има и интегрален дел на социјалните мрежи, со препознатлив визуелен идентитет. Првите осум месеци од „Читаме современи македонски автори“ поминаа одлично. Можеме да се пофалиме со полни сали, задоволни читатели, задоволни автори, па дури и листа на чекање за одредени книги во сите наши објекти. Кампањата влијаеше и на генералниот интерес за книгите од македонски писатели, велат од библиотеката.

Современата македонска книжевност има одлични имиња и одлични дела, кои заслужуваат да бидат промовирани и читани од домашната публика, истакнува Снежана Стојчевска, директорка на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.

-Библиотеката има должност да биде мост меѓу авторите и читателите, но и обврска да учествува во креирањето на читателскиот вкус, што не смее да биде сведен само на лесна литература, бестселери и книги со сомнителен превод и квалитет. Во овој циклус ќе се погрижиме да претставиме романи, раскази и поезија кои сметаме дека го заслужуваат вниманието на публиката – вели Стојчевска.

Првиот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ се одвиваше во периодот од септември 2022 до мај 2023 и имаше одличен одзив во јавноста. Библиотеката пред своите читатели и пошироката публика претстави осум автори и исто толку дела кои предизвикаа голем интерес: Жарко Кујунџиски со „Сфинга на гневот“, Билјана Црвенковска со „Девет приказни за госпоѓица Сит“, Игор Станојоски со „Диссомнии“, Ана Стојаноска со „Лебед“, Александар Русјаков со „Хотел меѓу две војни“, Јулијана Величкоска со „Годишни времиња“, Игор Анѓелков со „Двојна експозиција“ и Сања Михајловиќ Костадиновска со „(Бес)конечни модели на расказот“.

„Читаме современи македонски автори“ е поддршка на македонските автори и нивните книги, на македонските издавачи, но и силна поддршка и промоција на македонскиот јазик. Кампањата е поддржана од Град Скопје и програмата „Скопје – кандидат за европска престолнина на културата 2028“.

Сподели