Режисерката Тамара Котевска во рамките на Венецискиот филмски фестивал, вечерва ќе биде гостинка на Lights Camera Impact – ексклузивен настан на кој прв пат е поканет режисер од Македонија. Светскиот фестивал секоја година кани тројца светски реномирани автори чие последователно творештво се филмови кои имаат потенцијал да влијаат на општеството и да ја менуваат свеста на луѓето за одредени важни социјални теми. Котевска ќе зборува за филмовите што имаат моќно социјално влијание и прават општествена промена и официјално ќе го најави својот најнов долгометражен документарец The Walk, во кој Македонија е малцински копродуцент.

Тамара Котевска (фото: Дејан Џолев)
Како ù се случи Венеција и оваа огромна чест на младата режисерка?
-Поканата за Венеција се случи многу неочекувано. Во текот на jули, додека бев во Лондон за да ја завршам постпродукцијата на филмот The Walk, британските продуценти од Grain Media веќе имаа почнато да ја прават стратегијата за светската дистрибуција на филмот. Бидејќи зад филмот веќе стои еден од поголемите американски дистрибутери „Партисипант“ (Participant), тие инсистираа светската премиера на филмот да биде во Америка и на документарен фестивал каде што правиот фокус ќе му биде даден на филмот, бидејќи на големите интернационални играни филмски фестивали од типот на Венеција, Кан и Берлин, документарците за жал сè уште се табу тема, ставени се вон натпреварувачка конкуренција и не им е даден вистинскиот фокус и внимание кои многу ремек дела во документарниот свет го заслужуваат – вели Котевска.

Иако постродукцијата на филмот не била готова порано и рокот за официјалните филмски апликации на Венеција бил завршен, продуцентите кои беа презадоволни од финалниот резултат, сепак решиле да го проследат завршениот филм до креативниот директор на фестивалот, Алберто Барбера, сакајќи да стават до знаење дека „нешто се крчка”.
-По ова, следуваше прекрасен имеил дека јас како автор уште еднаш го потврдувам своето документарно филмско творештво како творештво со вистински приказни и ликови кои праќаат моќни пораки релевантни во светот во кој живееме денес и кои имаат моќ да ја променат перцепцијата на луѓето на одредени теми. Така бев поканета свечено да го најавам новиот филм на програмата Lights Camera Impact, каде во рамкитена 30-минутното излагање ќе имам можност за прв пат да го претставам трејлерот на The Walk кој се надевам и македонската публика ќе има шанса да го види наскоро – вели Котевска, која признава дека ова е еден од поважните свечени настани на кој била поканета досега.

Гордоста е неизмерна, бидејќи јас буквално го имам посветено целото свое време, живот, љубов, труд, сила и страст во создавањето на секој мој филм. Никогаш во животот не сум работела на никакви комерцијални проекти на теми кои не ме интересираат, што често подразбирало и огромно жртвување, и временски и финансиски, но пред сè, емотивно и креативно, вели младата корежисерка на „Медена земја“.
– Јас не знам да работам поинаку. Секој процес носи огромни сомнежи, болки и рани пред да дојдат признанијата од овој тип. И со The Walk не беше ништо поразлично. Тоа беше една ужасно тешко физичко и психичко филмско патешествие кое уште од почетокот во фаза на финансирање, па се’ до крајот, се’ до финалниот рез во монтажа беше многупати искомпромитиран и на раб процесот да прекине поради небројни фактори за кои ќе зборувам друг пат. Но, луѓето немаат поим за тоа. Најчесто јавноста го гледа само финалниот резултат, фестивалите и пофалбите, па имаат импресија дека нам на авторите ни течат „мед и млеко”. Создавање филм е создавање на еден мини-живот кој знае да трае со години и кој процес најчесто подразбира пристап „сè или ништо”. А со таков пристап, јас не можам да си дозволам да работам на теми кои се ирелевантни за мене и за светот во кој живеам.
Токму затоа ми е особена гордост и чест што толку млада сум препознаена како автор кој има моќно влијание со своите филмови во светот. Тоа само ми дава еден безрезервен мотив да продолжам во истата насока – вели Котевска.

Таа им оддава признание на своите „соборци“ од Македонија што учествувале „од почетокот до крајот на оваа борба што ја поминавме заедно со бегалците: монтажерот Мартин Иванов, кинематографот Самир Љума и композиторот Дуке Бојаџиев. Има уште многумина странци што се дел од ова патешествие, но ова е македонската екипа која не изневери. Поради вакви луѓе магијата на филмот успева да се случи до крај и да види „бел ден”.
The Walk го следи пеколниот пат на бегалците од Сирија до Англија и кој го открива лицемерието на Европа во тој процес на „одење“ од земја во земја. Главен продуцент на филмот е една од најголемите филмски компании за документарни филмови во Англија, Grain Мedia, која зад себе има многу награди, меѓу кои и неколку оскари. Позади неа стојат познати оскаровски имињата како Орландо фон Ајнсидел (Virunga, Learning how to skateboard in a war zone if you are a girl), Стивен Далдри (The Hours, The Reader) и Трејси Стјуард (Slum-dog Millionaire, 2 Popes etc). Филмот е поддржан и од македонската Агенцијата за филм, а нашкопродуцент е „ОХО Продукција“.





