Изложба на Димитрие Дурацовски во Чифте амам

Во Чифте амам во Старата скопска чаршија вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Ветар параклет“ на Димитрие Дурацовски. Неговото творештво може да се одбележи како метафизичко и во исто време концептуално, вели кураторот на изложбата, Горанчо Ѓоргиевски, кустос во Националната галерија на Македонија.

– Реалната форма во неговите платна, решена како фигуративни композиции во класичен кулоарско-илузионистичи декор со крајно поедноставени кукловидни човечки форми и редуциран хроматизам го означува оностраното и недефинираното. Неговите цртежи комбинирани со текстови, прибелешки, теоретски и литерарни разгледувања, упатуваат на користење на одредени елементи, методи и сознанија од надреализмот и психоанализата – вели Ѓоргиевски.

Дурацовски е современ македонски писател и сликар. Роден е на 15 февруари 1952 година, во Струга, каде што завршил основно образование. Школа за применети уметности, сликарски отсек, завршил во Скопје, во 1975 година, во класата на проф. Родољуб Анастасов. Во 1977 година се вработил во Галеријата „Вангел Коџоман“ во Струга. Од 1982 работи во Народниот музеј во Струга, кога Галеријата се припојува кон Музејот. Во текот на изминатите години раководи со Галеријата „Вангел Коџоман“, во која се сместени сликите од постојаната поставка Струга во минатото, а истовремено го води и Одделението за современа уметност на Народниот музеј, организирајќи и поставувајќи повеќе од 150 самостојни и групни изложби на повеќемина значајни ликовни уметници од Македонија, од Југославија и од светот.

Сподели