Учебниците за 6. одделение треба да ги одобри Националната комисија за учебници по што следува законскиот период од 15 дена за жалби до Второстепената комисија. Ако комисијата ја одбие жалбата одлуката е правосилна и може да се склучи договор со авторите за да почне печатењето на учебникот. Ако ја прифати жалбата, целата постапка се враќа во онаа фаза за која ќе одлучи Второстепена комисија.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната прес-конференција оптимистички најави дека очекува до крајот на септември учебниците веќе да се во рацете на шестоодделенците. Тие заедно со учениците од трето одделение за првпат ќе добијат материјали според наставните програми од новата концепција за основно образование која етапно се спроведува веќе три години. Почна преклани со нови наставни програми и учебнции за 1. и 4. одделение. Лани беа подговтвувани новите учебници за 2. и 5. одделение. Годинава за првпат реформата се имплементира во наставната програма за предметна настава, односно за 6. одделение.
– Учебниците за 3. одделение се веќе одобрени и во тек е дистрибуцијата до училиштата. Испораката ќе продолжи сиве денови и очекувам на почетокот на идната недела веќе сите да ги добијат. Помал дел од учебниците, претежно тие за 6. одделение ќе бидат доставени штом ги одобри Националната комисија за учебници. Во меѓувреме има дополнителни помошни материјали изработени од Бирото за развој на образованието. Тое се достапни во електронска фома на веб-страницата на БРО – рече Шаќири.
Што сè треба за да се одобри еден учебник?
Процедурата за одобрување на еден учебник е следна:
- БРО или ЦСОО ги доставуваат наставните програми, а Педагошката служба објавува конкурс за издавање учебници (процедурата може да трае од 1 до 6 месеци).
- Педагошката служба објавува оглас за рецензенти (вообичаено трае околу 14 дена).
- Шифрирање на доставените ракописи бидејќи конкурсот е анонимен (при овој процес ако е нарушена анонимноста, или не се исполнети условите од конкурсот ракописот се дисквалификува).
- Шифрираните ракописи се доставуваат до БРО или ЦСОО кои во рок од 7 дена треба да достават образложение дали се усогласени со наставната програма.
- По завршувањето на огласот за рецензенти, Националната комисија формира комисии соодветни за рецензирање, според Законот за учебници.
- Ако нема доволно пријавени рецензенти (или не се соодветни), Националната комисија ја задолжува Педагошката служба да се обрати до универзитетите или училиштата за да се обезбедат рецензенти (има голем недостаток од рецензенти бидејќи хонорарите за рецензија на еден учебник се од 3.000 до 4.000 денари).
- Откако ќе се избере рецензентска комисија, тие ги добиваат ракописите и во рок од 14 дена треба да дадат стручно мислење.
- По добивањето на стручните мислења од рецентзентите и од БРО или ЦСОО, претходно избраниот известител ја известува Националната комисија за учебници и предлага кој ракопис е најдобар.
- Националната комисија одлучува дали ќе го прифати ракописот за учебникот или ќе го одбие.
- Педагошката служба објавува соопштение за отворање на шифрите на ракописи за учебници и се донесува одлука за одобрување или неодобрување.
- Ако има забелешки од рецензентските комисии, БРО или ЦСОО, авторите треба да направат корекции.
- Коригираните ракописи повторно се враќаат кај комисиите и се повторува целата процедура – известителот доставува конечен предлог, па се донесува одлука за одобрување или неодобрување на ракописот.
- Одлуките се доставуваат до авторите, па се склучува договор за пренос на материјално авторско право за 5 учебни години. Ако го потпишат договорот, авторите доставуваат финална електронска верзија од учебникот. (Ако се не склучи договор, а и авторот не сака да ги пренесе авторските права од одобрениот учебник, Законот не предвидува што треба да се преземе).
- Договорите се исплаќаат по 1/5 во рок од 5 години. Доколку во некоја од тие 5 години учебникот не се користи, авторот не ја добива годишната 1/5.
- Ако има повеќе ракописи за еден учебник, по приемот на одлуката во рок од 15 дена авторите имаат право на жалба до Второстепена комисија (ако комисијата ја одбие жалбата одлуката е правосилна и може да се склучи договор, ако ја прифати жалбата целата постапка се враќа во онаа фаза за која ќе одлучи Второстепена комисија).
- Хонорарот за авторите се определува во согласност со Правилник и не е фиксен – се менува според просечната плата. Ако договорот е склучен втор пат, износот се намалува на 70 отсто од сумата утврдена во првиот договор, а ако е трет пат, сумата се намалува за 50 отсто.
- Ако на некој конкурс нема пријавено автор, или пријавените се дисквалификувани, или доставените ракописи за учебници не се одобрат, се објавува повик за авторски тим.
- Од доставените пријави директорот на Педагошката служба доставува предлог до министерот за да се формираат авторски тимови.
- Тимовите имаат рок од 60 дена да достават ракописи до Педагошката служба и потоа следуваат истите постапки како и на конкурсите (во овој случај роковите се пократки).
Тој повтори дека учебната 2023/24 година ќе трае од 1 септември до 17 јуни идната година, а од од 29 април до 5 мај за првпат ќе биде воведен пролетен распуст. Овие денови ќе бидат надоместени со продолжувањето на досегашната учебна година која вообичаено завршуваше на 10 јуни.
Шаќири зборување за инвестициите во образованието што се прават во изминатиот период, за преговорите со синдикатите кои бараат поголеми плати за наставниците, за новиот е-дневник кој е во фаза на пилотирање во 40 училишта.
Во звање ментор денеска ќе бидат унапредени 46 наставници во основните училишта кои треба да бидат мотивација за сите останати наставници во училиштата. Нивна задача ќе биде да го подигнат квалитетот на наставата и воспитно-образовниот процес во своето училиште. Во изминатите три години во звање ментор се унапредени 250 наставници.
Министерот рече дека во измината година одобрени се 150 учебници за средно образование, претежно за средно стручно образование. Од буџетот биле обезбедени 16 милиони евра за капитални инвестиции во образованието. Летово реконструкција имало на 56 објекти во Македонија, а 4,5 миниони евра биле наменети за изградба или доградба на 4 училишта. Лани 264 училишта биле опремени со кабинети за природни науки.
Шаќири најави поголема поддршка за ученици со попреченост во редовните улилишта. Годинава ќе бидат ангажирани 800 образовни асистенти. Во постапка е нов закон за средно образование кој предведува ангажирање на асистенти и во средното образование. Во училиштата ќе има нови безбедносни мерки кои се донесуваат во координнација со МВР, за што наскоро ќе бидат известени сите училишта.
Шаќири имал состанок со претставници од СОНК, а денеска ќе се сретне со Независниот синдикат.
– Отворени сме за соработка. Ќе ги разгледаме сите можни опции за кои може да се најде решение во рамките на законите, но нема да отстапам од ставот дека тоа не може да се прави на штета на учениците – рече Шаќири.