Корекција на „С Македонија“ побара министерката за култура за поетите што добиле „Златен венец“ пред 2019 година

Корекција на името „С Македонија“ кај поетите Блаже Конески и Матеја Матевски побара министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска од директорот на поетскиот фестивал Струшки вечери на поезијата, Тодорче Тасевски по коментарот на Умно.мк и реакцијата дека ретроактиовно е сменето името на државата на лауреатите што добиле „Златен венец“ во 1981 односно во 2011 година. Редакцијата на Умно.мк се обрати до СВП и до Министерството за култура да го образложат нивниот став зошто како земја на потекло на венценосците Блаже Конески во 1981 година и Матеја Матевски во 2011 година е напишани С Македонија, кога држава во тоа време се викала Социјалистичка Република Македонија, односно Република Македонија.

– Го повикав директорот на СВП, Тодорче Тасевски, како прв човек на оваа престижна поетска манифестација од светски ранг, да понесе целосна одговорност за овој занемарен факт. Од одговорните за веб-страницата на Фестивалот побарав да се изврши итна корекција на внесените податоци со достојна почит кон великаните на македонската култура – вели Костадиновска-Стојчевска.

Таа додава дека променетиот назив на државата под имињата на македонските лауреати е пропуст кој предизвика оправдани реакции.

– Венценосците Блаже Конески и Матеја Матевски, како и бројни поети, добитници на наградата „Браќа Миладиновци“, станаа носители на овие врвни признанија во периодот пред 2019 година. Организаторот морал да го има предвид овој факт – вели Костадиновска-Стојчевска.

Корекцијата на интернет-страницата на СВП е веќе направена. 

Сподели